Освен тапкањето по рамо дека извршуваат одлична работа за информирање на граѓаните за преземените мерки против Ковид-19, а досега добија само намалување на платите како „награда“, на новинарите и медиумските работници сепак им е потребна одредена финансиска помош за да можат без грижи за својата социјално-економска состојба да продолжат професионално да ги извршуваат своите задачи.
Медиумите и медиумските професионалци не останаа имуни на кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот. Најголем дел од новинарите и медиумските работници за првпат се најдоа исправени пред ваков сериозен предизвик, во кој тие имаат една од најзначајните улоги во општеството во борбата против коронавирусот. Од обични граѓани, до политичари на најзначајните позиции во државата, сите во текот на овие месеци ја потенцираа важноста на професионалните медиуми, на објективните и навремени информации наспроти дезинформациите, во обидот за справување со коронавирусот. Освен тапкања по рамото и по некоја ситна помош, професионалните новинари не добија речиси никаква поддршка.
Зголемен ризик од зараза и двојно повеќе работа
Една од најважните работи во време на пандемија е да има што помалку дезинформации. Многумина сметаат дека главното оружје против дезинформации освен медиумската писменост на публиката е и кредибилно, доверливо, професионално новинарство, кое ќе произведува објективни, точни и навремени медиумски производи. За тоа да биде можно, пак, потребно е новинарите и медиумските работници да бидат и социјално и економски обезбедени. Тоа во оваа криза стана сериозен предизвик. Медиумите се соочија со намалени приходи, па првиот лек кој го пронајдоа за „лечење“ на овој економски проблем е или отпуштање работници или намалување на платите. А работата на новинарите и медиумските работници според анализита на Синдикатот на новинари и медиумски работници е двојно зголемена, заедно со ризикот кој го преземаат при покривање настани или теми поврзани со Ковид-19.
И пред пандемијата, работничките права на новинарите и медиумските работници во голем дел од медиумите беа прекршувани. Синдикалното организирање во голем број медиуми, некаде суптилно, некаде директно, се уште е забрането. ССНМ бележи процентуално поголемо намалување на платите од законски дозволеното, без образложение и аргументи дека компаниите навистина бележат загуби, неплатени дополнителни часови и други прекршувања. Но, сето тоа паѓа во сенка на потребата од покривање на темите поврзани со пандемијата бидејќи нејзиното сузбивање е приоритет број еден.
Новинарите и медиумските работници извршуваат работа од јавен интерес и се една од најизложените професии на ризик од заразување. Тие се соочуваат со двоен проблем – економско-социјален и ризик по нивното здравје.
Во многу држави во Европа, новинарите и медиумските работници се прогласени за суштински работници, и речиси се изедначени во својот статус во контекст на пандемијата со медицинскиот персонал, полицијата, пожарникарите и сите оние други професии без кои не може да функционира едно општество, а чија работа особено доби на значење во последниве два месеци.
Затоа многу држави решија да ги помогнат медиумите со огромни суми за да ги надоместат нивните загуби и тие да можат да продолжат непречено да работат и во услови на пандемија. Бидејќи оценките на Меѓународната федерација на новинарите и Европската федерација на новинарите се дека професионалните медиуми мора да се третираат како јавно добро, без разлика дали се приватни или државни, владите мора да реагираат и да најдат начин да им помогнат непречено да ја извршуваат својата општествена задача и во овој тежок период.
Така, на пример, Австрија распредели 32 милиони евра помош за медиумите, Шведска ја зголеми постојаната помош за медиумите за речиси 19 милиони евра, додека Данска употребува модел кој им помага директно на медиумите кои имаат загуби (30-50 отсто) покривајќи им 60-80 проценти од загубите, како и 75 проценти од платите на медиумските работници доколку медиумот не отпушти ниту еден работник.
Искуството на Македонија со пари во медиумите и стравот од јавноста
Македонија во изминатите 14 години се здоби со едно лошо искуство на истурање пари во медиумите со кои се купуваше нивната послушност. Тоа го растури медиумскиот пазар, и ги научи медиумите да чекаат помош отстрана наместо да функционираат на слободниот пазар. Тоа, пак, предизвика и објективни и субјективни причини со голема недоверба да се гледа на прашањето за помош на медиумите. Неодамнешното искуство не научи дека државни пари во медиумите значат нивен поткуп и нивно целосно ставање во функција на пропагандата на власта (како што беше до 2017 година). Потоа тие пари беа стопирани, но желбата кај сите власти секогаш е да ги контролираат медиумите.
Стравот од државни субвенции за медиумите е оправдан и кај јавноста и кај новинарските организации и здруженија. Државните пари во медиумите кога и да се давале, на каков и начин да се давале, значеле пред се богатење на сопствениците, а многу малку подобар медиумски/новинарски производ и подобрена социјално-економска состојба на медиумските работници. Единствената помош од државата за медиумите во текот на кризата е минимална плата за вработените, мерка која опфаќа голем број фирми во рамките на пакетот за помош на економијата. Но, очигледно тоа не е доволно бидејќи голем број медиуми им поделија намалени плати на своите вработени.
Освен споменатите „пречки“, ситуацијата е дополнително искомплицирана со предвидените избори, па доколку властите сега решат да доделат помош за медиумите тоа сигурно ќе се протолкува како предизборен поткуп.
Директна помош за новинарите, не за газдите
Сепак, освен тапкањето по рамо дека извршуваат одлична работа за информирање на граѓаните за преземените мерки против Ковид-19, а досега добија само намалување на платите како „награда“, на новинарите и медиумските работници сепак им е потребна одредена финансиска помош за да можат без грижи за својата социјално-економска состојба да продолжат професионално да ги извршуваат своите задачи.
Затоа и покрај гореспоменатите сомнежи, пречки и стравови од претходните искуства, мора да се размисли за одредена поддршка и тоа овојпат директно за новинарите и медиумските работници (како поединци), без разлика дали се постојано вработени, со договор на определено време или хонорарно ангажирани (слободни новинари), како и за отпуштените медиумски работници. Со тоа би се избегнале или барем би се намалиле основаните критики дека се прави поткуп на медиумите, а новинарите и медиумските работници би ја добиле потребната поддршка. Истовремено и конечно, потребно е да се зголемат и инспекциските активности на државните органи, бидејќи и покрај кризата, иако одредени медиуми ја користат државната помош, сепак ги кршат работничките права предвидени со Законот за работни односи.
Автор: Дарко Дуридански
Дарко Дуридански е проект координатор во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Својот професионален ангажман во новинарството го започна во 2002 година во дневниот весник Вест со фокус на надворешната политика, потоа во Балканската истражувачка репортерска мрежа, а сега работи како дописник за Агенцијата Франс Прес.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.