Коронавирусот и транспарентноста

Слободата на говорот тешко се стекнува, а лесно се губи

Пандемијата на Ковид19 донесе многу прашалници во светот на здравствените работници, на луѓето воопшто, но се чини предизвика и еден светски потрес во новинарството. Во Македонија? Секако, дури и неочекувано брзо ја исправи новинарската фела пред неколку суштински прашања? Ограничена ли е медиумската слобода, дали се доволно транспарентни институциите, здравствените власти, дали уредби со законска сила се носат како на фабричка лента, а утредента се менуваат, кој ги контролира јавните набавки, работи ли во полна сила антикорупциската комисија или вирусот што пустоши низ државата, предизвика помрачување на сцената?

Смрт обвиена во мистерија. Од кога датира короната во Македонија? Дали од јануари или од крајот на февруари? Многу прашања отвори случајот во Велес, кога некаде во април беа пронајдени мртви мајка и син во својот стан, во станбена зграда. Умреле во јануари, на што упатуваа сите елементи во оваа приказна или во март, на што упатуваше обдукцискиот наод?

Можеби ништо немаше да биде необјасниво, доколку оваа приказна на една прес-конференција на министерот Филипче, малку по откривањето на телата, не доби сосема поинаков тек. Во телото на мртвата жена имало присуство на коронавирус. Ваквиот став на медицинските власти отвори низа прашања кои заслужуваа темелен одговор, а таков немаше. Збунувачките информации кои доаѓаа секојдневно направија само дополнителен хаос. Истрагата на полицијата открила дека починатите немале никакви контакти со надворешниот свет од средината на јануари. Ниту разговарале на телефон, ниту трошеле струја и вода, ниту некој со нив контактирал на кој било начин. Но, обдукцискиот наод фрли сосема поинаква светлина на случајот. Кога биле пронајдени телата, тие биле мртви 3 до 5 недели, што би значело дека смртта настапила во март или на крајот на февруари!? Како заболела мајката ако немала контакт со никој? Од што умрела?

Во контроверзноста на информациите недостасуваа многу детали. Одговорите на прашањата ќе доведеа до логичен расплет на апсурдната ситуација! Но, тоа не се случи. Новинарската истрага запна во хаосот од полуинформации.

Во поинакви услови, оваа приказна ќе имаше веројатно поинаков крај. Но, кому му е грижа за една почината старица и за нејзиниот син, во време кога секојдневно умираат луѓе? Дебар, Куманово, вонредна состојба, полициски час, се’ е затворено, економијата пропаѓа, масовна психоза на улиците, а ние новинарите баш сме се фатиле да откриеме како умреле жената и момчето од Велес?!

Транспарентност или криење информации?

Пандемијата на Ковид-19 донесе многу прашалници во светот на здравствените работници, на луѓето воопшто, но се чини предизвика и еден светски потрес во новинарството. Во Македонија? Секако, дури и неочекувано брзо ја исправи новинарската фела пред неколку суштински прашања? Ограничена ли е медиумската слобода, дали се доволно транспарентни институциите, здравствените власти, дали уредби со законска сила се носат како на фабричка лента, а утредента се менуваат, кој ги контролира јавните набавки, работи ли во полна сила антикорупциската комисија или вирусот што пустоши низ државата, предизвика помрачување на сцената?

Тенка е линијата што ја раздвојува транспарентноста од криењето информации во време на криза од ваков тип. Транспарентноста значи визуелизација, видливост на преземените чекори, акции и дејствија од една, но и пресметка на цената и ефектот од реализираното, од друга страна. Кај нас често транспарентноста се меша со отчетност, а се работи за две различни работи кои се спојуваат во само еден сегмент – одговорноста. Транспарентноста не значи само пласирање извештај со бројки, како податок колку граѓани заболеле и колку починале. Транспарентноста подразбира информирање, дебатирање, проценување на резултатите и посочување на грешките со прецизно лоцирање одговорност и мерки кои ќе се преземат за тие да се коригираат.

И тие кои треба да бидат транспарентни и медиумите, заедно имаат една цел: правилно и навремено информирање на јавноста со можност за нејзина вклученост во сите фази на дебатата. Тоа е единствениот начин да не се остави простор за недоразбирања, погрешни толкувања и шпекулации, кои би се искористиле како алатки во дезинформативните наративи.

Зборуваме за транспарентност, но ретко кој медиум пријде истражувачки кон лажните вести од типот 5Г, паѓаат птици, вакцините на Бил Гејтс. Медиумите се на другата страна на приказната во орото против лажните наративи и тие мора да ја сфатат својата клучна улога во пресретнувањето на лагите. Голем дел од луѓето не се свесни дека читаат лажна вест. Тие се исплашени, сакаат да дознаат што точно се случува, но, кога нема транспарентност за темата, тие остануваат заробени во волшебниот свет на дезинформациите.

Постои едно генерално правило во новинарството, дека најсилната битка со лажните вести се води преку транспарентноста на институциите. Најдобар начин за дефакторизирање на дезинформациите е поголемата транспарентност. Прес конференциите на министерот Филипче на почетокот беа корисна алатка во таа смисла, но обидите на министерот да воспостави комуникација со јавноста, не секогаш даваа резултати, поради ограничениот тип на прес конференции и еднонасочната комуникација, која подоцна по интервенцијата на ЗНМ беше подобрена, па беше овозможено поставување потпрашања од страна на новинарите.

На граѓаните им ја должиме вистината

Не сите земји се снајдоа најдобро со ковид информациите. Македонија веројатно не беше полоша во тој амбиент од другите земји. Од некои, особено од дел од балканските полуавторитарни режими, беше и во многу подобра ситуација. Но, во светот на новинарството постои една максима од која сите треба да се водиме. Слободата на говорот тешко се стекнува, но многу лесно се губи. Тоа ние овде во Македонија многу добро го знаеме, затоа беа нашите чести, новинарски инсистирања да се подобрува комуникацијата, да се крене транспарентноста и затоа нема да престанеме. Тоа им го должиме на граѓаните во земјава, на оние што секојдневно се соочуваат со последиците од тешката пандемија што го покори светот. Само со транспарентност ќе ја вратиме довербата во државата. Со вистината против лажните вести, против пропагандата и манипулативните наративи. Јавноста има право да знае, навремено и прецизно. Неодговорените прашања оставаат непотребен вакум простор, кој лесно може да се злоупотреби.

Затоа, вистината им ја должиме на сите граѓани кои трпеа и трпат последици од кризата, кои останаа без своите плати и работни места, им ја должиме на речиси 140 жртви на коронавирусот во Македонија, но им ја должиме и на починатите мајка и син од Велес. Нивната смрт е сè уште обвиена во мистеријата што ја донесе Ковид-19.

 

Автор: Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.