Актуелноста на коронавирусот нема крај, но околу него има многу заблуди. Некои од нив доведуваат до стигматизација на жртвите на вирусот, заразените и излечените, а за неа малку се зборува. Една од клучните улоги во борбата со стигматизацијата имаат медиумите
Коронавирусот не се симнува од насловните страници во весниците или е број еден во најавите на електронските медиуми и порталите. Изминативе месеци, па и ден денес што се’ не се изнапиша за него. И за што се’ не се користи епидемијата. Во социјалните мрежи и во медиумите сведоци сме на пресметки меѓу поединци, групи, а кулминираат оние на политичките партии. Во сите тие пишувања и кажувања има куп заблуди. А во нив најмалку место има за стигматизацијата на жртвите на коронавирусот. Оние заразените и излечените кои стануваа жртви и на социјалната средина. Медиумите како да подзаборавија на нив, иако Кодексот на новинарите има посебно начело за борба против таквиот вид дискриминација. Никој никому ништо не верува. Царува неверување.
Не им веруваат ниту на лицата кои веќе прележале коронавирус. Кон нив се однесуваат како и тие да се дел од некаков заговор. На еден пост на Фејсбук, во кој бев спомнат, се отиде дотаму што е напишан коментар: „Којзнае колку го платиле вака да зборува?“. Можеме да си споменеме на тврдењата дека „некој ги плаќа луѓето да тврдат дека се разболеле од коронавирус“.
Нова „болест“ – стигматизација
Кога нешто ќе дојде до крај се става круна на завршената работа. А круна во време на коронавирусот е стигмата на оние кои излегле на крај со болеста. Оние кои лебделе со денови меѓу животот и смртта. Оние кои целата надеж за оздравување ја имаа во медицинскиот персонал, а не во „откритијата“ што се шират на социјалните мрежи и во медиумите. И наместо да се дочекаат со раширени раце, тие луѓе потпаднаа под нова „болест“ – стигматизацијата.
Народот по некој месец можеби ќе го заборави повикот за „линч“ на луѓето сместени во државен карантин во Битола, кои не знаеш дали се заразени или не, или на туристите од Јужна Кореја во Скопје, за кои мислеле дека се Кинези. Но ние заразените и излечени од коронавирусот нема никогаш да го заборавиме односот на некои луѓе од нашата околина кон нас. На луѓето кои поминавме низ пекол. Му се јавувам на човекот кој беше тешко болен и со кого бевме во иста соба, го прашувам :„Како си“, „Добар“, одговара и додава, „абе луѓево бегаат од мене, а не знаат низ што се поминав и дека ако треба утре ќе бараат крв од мене да се излечат. Ако се заразат“. Не ти зборуваат ништо, ама со потезите ти даваат до знаење дека ти си бележан, дека го носиш печатот на коронавирусот, на болен од него. Како вжештена круна добиена за успешното лечење.
Според некои дефиниции токму бележењето или печатот удрен на човечкото тело е стигма или стигматизација. Потеклото на зборот е грчко, а значи белег или знак кој се втиснувал на кожата на робовите, криминалците или предавниците, со врел метал, со намера да се обележат како негативни припадници на општеството. И тие луѓе ги одбегнувале на јавни места. Денес изразот стигма се користи за „негативно обележување на одредени личности, абнормални, срамотни, или непожелни на друг начин, што вклучува зборување зад нивниот грб, исмејување, одбегнување и како последица социјално оддалечување од нив“.
„Бегаат од мене како лепрозен“
Така вели теоријата, но јас го почувствував тоа на сопствената кожа во првите денови по излегувањето од болница. Одам кај едни соседи и кога се расприкажавме, им реков дека сум бил заразен од коронавирус. Веднаш почнаа да се оддалечуваат од мене. Други денови, истите тие кога ќе ме видеа зборуваа со мене, ама повторно бегаа подалеку. Луѓето како да се плашат од мене. Не дај боже да живеам во голема станбена зграда. Можам да замислам како ќе се однесуваат луѓето во заедничкиот лифт. Можеби ќе ме тераат да одам по скалилата нагоре или пак тие нема да влегуваат во него додека сум јас во лифтот. Еден мој близок, исто така прв ден на работа, на прашањето како помина, ми вели: „ Што да ти кажам, бегаат од мене како од лепрозен“. Без многу зборување, молчешкум се повлекувале.
Понекогаш во сето ова се вклучува и политиката. Еден комшија ме прашува: „Како помина на клиника?“, а јас му велам:„ Доста добро“. Бегајќи подалеку од мене, вели: „Те виделе дека си нивен, па те тинтрале, ха, ха,ха“!!! Каква небулоза. Докторите и сестрите глава не можеа да кренат од работа. Народ вришти, пишти во собите, кашлаат, се препотуваат, температури не спаѓаат, цел ден приклучени на инфузии, а овој „те виделе дека си нивен, па те тинтрале“. Веројатно, сестрите и лекарите, при анализата на крвта што ми ја земаа утврдиле „дека сум нивен“? Дека кај мене преовладуваат црвените крвни зрнца. Што се нема да слушнам допрва… Или читам од Прилеп полемика меѓу двете најголеми македонски партии. Врз грбот на Ромите од тој град. Пак околу коронавирусот. Те во нивната населба се појавил коронавирус, те им делеле помош, па се создавале турканици кои ја шират заразата. Па како одговор на тоа тврдење се изјавува дека некој ги дели граѓаните според количеството на заразени, демек едните биле позаразени од другите…
Новинарите имаат обврска да ги заштитат жртвите на коронавирусот
Коронавирусот и неговото лечење се голема, непозната докрај и недефинирана работа. Стравот од непознатото си го прави своето. И делумно и оттаму се јавува стигматизацијата. Но мислам дека медиумите, не социјалните мрежи, засега успешно ја избегнуваат замката на стигматизацијата. Не зборувам за сензационализмот кој го имаше во изминатиов период и во многу медиуми. Практиката на Советот за етика на медиумите во Македонија стигматизацијата ја разгледува во рамките на членот од Кодексот на новинарите кој ја опфаќа дискриминацијата. Затоа што и според меѓународната регулатива и заштитата на човековите права во здравството, правото на еднаквост и слобода од дискриминација го штити од дискриминација лицето кое е инфицирано со заразно заболување. Оваа регулатива е воведена кога се појави заразата од ХИВ/сида. Според таа регулатива, државите имаат обврска, лицата кои страдаат од заразни болести да ги штитат од дискриминација или од стигматизација во областите на вработувањето, образованието, домувањето и здравствената заштита.
Во споменатото начело од Кодексот на новинарите се вели дека „Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права и слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). Во насоките околу спроведувањето на ова начело се вели дека новинарите имаат обврска да ги заштитат поединците и групите од дискриминација, дека имаат посебна одговорност за искажаниот збор, затоа што тие се креатори на јавното мислење.
Конечно, медиумите, а и државата ќе треба да поведат повеќе сметка за стереотипите и предрасудите кои се главните двигатели на стигматизацијата. Таа, видовме од дефиницијата за неа, се јавува уште од античко време и опстојува до ден денес. Што значи дека борбата со неа ќе биде многу долга и тешка. Но, треба да се почне некогаш и од некаде.
Автор: Мирче Адамчевски
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.