Придонесот на УНЕСКО за медиумската писменост

Додека некои луѓе се гладни за информации, други се преплавени со печатена, емитувана и дигитална содржина. Меѓутоа, каков е квалитетот на тие информации, како можеме да се справиме со нив, како можеме да пристапуваме до информациите, да пребаруваме, критички да оценуваме, мудро да ги користиме содржините… одговор можеме да најдеме со добро познавање на медиумската и информациската писменост. УНЕСКО

Со медиумската и информациската писменост, организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура – УНЕСКО, придонесува за унапредување на универзалните човекови права и основни слободи преку обезбедување пристап до информации и слобода на изразување. Медиумски и информациски писмено лице не само што мора да биде потрошувач на информации и медиумски содржини, туку и одговорно лице што бара информации, креатор на знаење и иноватор, кој може и знае да ги искористи различните алатки и медиуми за информации и комуникации. Медиумската и информациската писменост се дефинираат како збир компетенции што им овозможуваат на граѓаните пристап, добивање, разбирање, проценка и употреба, креирање, како и споделување информации и медиумски содржини во сите формати, користејќи разни алатки, на критичен, етички и ефикасен начин да учествуваат и да се вклучат во лични, професионални и општествени активности.

Истакнувајќи го правото на граѓаните на медиумско образование, УНЕСКО на Конференцијата за медиумско образование организирана во Виена уште во далечната 1999 година, нагласи: „Медиумското образование е дел од фундаменталното право на секој граѓанин на секоја земја во светот а слободата на изразување и правото на информации е алатка за градење и одржување на демократијата“.

Медиумската писменост го подобрува квалитетот на животот

Модерниот свет на развиена технологија која се повеќе е пристапна за лицата од сите возрасти мора да значи и зголемена свест за сите можни пропаганди и спинови кои се кријат зад секоја вест. Критичката перцепција во постмодерното општество е неопходен елемент во развојот на личноста и правилното расудување.

Токму оваа агенција на ООН уште во 1982 година со донесувањето на Декларацијата Грунвалд ја потенцира потребата од медиумска писменост. Медиумската писменост е човеково право кое го подобрува квалитетот на животот на граѓаните. Помага во процесот на искоренување на сиромаштијата, го поттикнува порастот на населението, помага во процесот на постигнување родова еднаквост како и во процесот на обезбедување одржлив развој, мир и демократија.

Во голема мера нашите верувања, перцепции и ставови за секојдневните случувања, па се до настаните кои играат голема улога за иднината на развитокот на светот зависат од тоа што ни пласираат медиумите. Луѓето низ целиот свет сведочат за драматично зголемување на пристапот до информации и комуникација. Додека некои луѓе се гладни за информации, други се преплавени со печатена, емитувана и дигитална содржина. Меѓутоа, каков е квалитетот на тие информации, како можеме да се справиме со нив, како можеме да пристапуваме до нив, да пребаруваме, критички да оценуваме, мудро да ги користиме содржините, кои се нашите права, кои се етичките прашања околу пристапот и користењето на информациите… одговор можеме да најдеме со добро познавање на медиумската и информациската писменост. Една од целите која секое современо и демократско општество се стреми да ја достигне е создавање независни и плуралистички медиумски и информативни системи.

Стратегијата на УНЕСКО ги обединува овие две полиња како комбиниран сет компетенции на знаење, вештини и ставови потребни за живот и работа денес. Во неа се разгледуваат сите форми на медиуми и други даватели на информации како што се библиотеките, архивите и интернетот, без оглед на користените технологии.

Мисијата на УНЕСКО е да поттикне медиумски и информациски писмено општество преку сеопфатна стратегија која вклучува подготовка на модел наставна програма за медиуми и медиумска писменост, олеснување на меѓународната соработка, развој на Упатства за подготовка на национални политики и стратегии за медиумска и информациска писменост, артикулација на Индикатори за глобална рамка за медиумска и информациска писменост, меѓудругото и обезбедување Упатства за радиодифузерите за промовирање содржини креирани од корисниците за медиумска и информациска писменост.

Граѓаните копнеат по информации, но и по одговор на прашањето како правилно и критички да се справат со секојдневните информации. Копнеат по нови ресурси и нови знаења, по слободно изразување и сакаат активно да учествуваат во процесите на управување. Едноставно, тоа е човековата природа. Во оваа насока УНЕСКО разви Политика и стратегија за медиумска и информациска писменост. „Оваа публикација е од витално значење за подобрување на напорите за промовирање на медиумската и информациската писменост на национално и регионално ниво“, вели професор Ула Карлсон, директор на Нордискиот информативен центар за медиуми и комуникациски истражувања.

Приближување до општество со висока свест

Насоките во документот „Политика и стратегија за медиумска и информациска писменост“ на УНЕСКО се поделени во два дела. Првиот дел насловен Полиси бриф, е наменет за политичари или носители на одлуки и може да служи како резиме на публикацијата. Вториот дел насловен Упатства за политики и стратегии за медиуми и информации (Media and Information policy and strategies guidelines) е поделен на неколку сеопфатни поглавја и во него се дискутира за следното:

Како медиумската и информациската писменост да стане алатка за развој

Концептуални рамки за политиките и стратегиите на медиумската и информациската писменост

Моделирање на политиките за медиумска и информациска писменост и стратегии кои можат да бидат прилагодени од страна на државите на глобално ниво

Потребата од национални стратегии и законодавно регулирање на овој сегмент е во голема мера важна за правилен развој на едно модерно општество кое го следи трендот на рапиден пораст на вклученоста на медиумите во секојдневниот живот на граѓаните. УНЕСКО ги поддржува своите држави-членки да ги приспособат овие насоки на локалните реалности преку отворени и инклузивни национални консултации. Крајна цел е подготовка на национални политики и стратегии за медиумска и информациска писменост кои се интегрирани со политики, регулативи и закони во врска со пристапот до информации, слободата на изразување, културните и верските слободи, медиумите, библиотеките и образованието.

Со цел државите да се справат со динамичниот развој на општеството, зголемениот проток на информации и медиумски содржини создадени и споделени со користење нови информатички и комуникациски технологии и растечката улога на медиумите и давателите на информации во општеството, државите мора да вложат во развивањето нов сет критички компетенции (вештини, знаења и ставови) на своите граѓани.

УНЕСКО ги повикува државите во креирањето на својата политика и начин на национален развој на медиумската писменост поодделно, согласно степенот на развиеност на општеството, да се здобијат со доволен број информации, да соберат валидни и веродостојни податоци за компетенциите на медиумската и информациската писменост. Така собраните релевантни информации ќе им дадат базична рамка и основа на државите членки од каде тие треба да почнат да се движат во креирањето на својата политика и законодавен процес во регулирањето на медиумската писменост. Всушност, овие информации и точни податоци ќе им помогнат за ефективно и ефикасно спроведување на веќе креираните политики за образование, информации, медиуми и информациско-технолошки развој на општеството, со што ќе се следи степенот на нагорна „евалуација“ на државата членка и приближување кон општество со висока свест за медиумска и информациска писменост. Секако, вака поставената политика и развој на државата доведува до нови акциони планови и стратегии кои се во корелација со контекстот, условите и воопшто со развиеноста на секоја држава.

Мисија на глобално описменување

Живееме во динамично, плуралистичко, демократско општество кое во голема мера се стреми да ги достигне вредностите на кои се заснова, владеење на правото, правна држава, почитување на човековите права. Информациите, комуникацијата, медиумите, технолошките и дигиталните аспекти треба многу внимателно да се вклопат во секоја одделна држава, следејќи го нејзиниот правен развој. Сето тоа со крајна цел, создавање подобна основа за понатамошен правен, економски, социолошки и политички развој. Но, се поставува прашањето, како државите можат да го измерат нивото на медиумска и информациска писменост? УНЕСКО иницираше развој на индикатори за информациска писменост. Поради зголеменото влијание и конвергенција на информациите, медиумите и технологијата во општеството, УНЕСКО применува заеднички пристап кој вклучува медиумска писменост, ИКТ писменост (писменост за информациско-комуникациска технологија) и дигитална писменост во веќе постоечкиот процес на развој на индикатори за информациска писменост. Од 2007 година, УНЕСКО го промовира опфатот на медиумите и информациската писменост. Со цел да им обезбеди на своите држави-членки валидна и сигурна рамка, УНЕСКО спроведе истражување во областа, организираше неколку глобални консултации и семинари за валидација во 2009 и 2013 година. Истата година, Секторот за комуникации и информации на УНЕСКО во тесна соработка со Институтот за статистика на УНЕСКО во Монтреал, а со поддршка на јапонските фондови со доверба кон УНЕСКО успешно ја заврши оваа важна работа и ја објави Глобалната рамка за оценување на медиумската и информациската писменост.

Мисијата на оваа организација е да го поддржи процесот на описменување на национално и меѓународно ниво. УНЕСКО преку голем број програми и следење на глобалната писменост преку Институтот за статистика на УНЕСКО (UIS), Глобалниот мониторинг извештај на EFA и регионалните програми за проценка (RAMAA, SACMEC и LLECE) овозможува патоказ и пружа помош на државите во процесот на развивање писменост како интегрален дел од правното, политичкото, социјалното и економското живеење на човекот, како интегрален дел од доживотното учење.

Да не ги заборавиме и петте закони за медиуми и информациска писменост кои ги предлага УНЕСКО а се глобално прифатени од државите.

Патуваме кон универзалноста на книгите, интернетот и сите форми на „контејнери на знаење“. Медиумите и информациската писменост граѓаните треба да ги гледаат како nexus на човековите права.

 

Автор: м-р Мартина Глигорова

Мартина Глигорова, магистер по право од областа на меѓународното право и односи и право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Магистрира во 2018 година, на тема „Политиката на Европската унија за медиумската писменост версус Република Македонија“. Работи во Министерството за информатичко општество и администрација.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.