Новинарството на предизборен тест

За обезбедување на вистинските информации исклучително е важна улогата на новинарите. Повеќе од кога и да е, тие мора да помогнат да се намалат неконтролираните дезинформации за пандемијата и да се пресретнат обидите за манипулација со изборите на каков и да е начин. Навременото, релевантно и коректно известување стана поважно од кога и да е, и покрај тоа што потрагата по извори и истражувачката работа е отежната со оглед на мерките за претпазливост

Претстојните парламентарни избори во државата, во екот на пандемијата на коронавирусот, се голем и силен предизвик за медиумското известување.

Светската здравствена организација (СЗО), објаснувајќи некои од феномените што се случуваат за време на пандемијата на коронавирусот, го употреби терминот „инфодемија“. Со овој поим СЗО се обиде да објасни дека прекумерениот обем на информации за одреден проблем го отежнува патот до решението, особено кога се шират дезинформации и шпекулации.

Изборите, според досегашното искуство, наметнуваат клима на недоразбирања и манипулации. Во сегашната клима не се неочекувани и обидите на дел од политичките актери да стекнат политичка предност преку (зло)употреба на напливот од дезинформации и говор на омраза поврзани со пандемијата. Како што и во претходните изборни циклуси се забележувале манипулативни техники за засилување на поделбите, така и сега очекувано е да се „типува“ на наративи што ќе ги засилуваат предрасудите и недовербата.

Важно е да се обезбедат фактите

На истиот начин на којшто се шират дезинформации за различни аспекти од пандемијата на коронавирусот, тие се очекувана појава и за време на изборите. Она што е заедничко за (пред)изборната клима и кризата во којашто се наоѓаме е што луѓето споделуваат содржини од различни мотиви, било да е тоа поради страв, предрасуди, идеолошки побуди или желба да се помогне.

Ширењето дезинформации на социјалните мрежи и нивното прелевање во некои од медиумите е, исто така, забележан феномен. Како последица на сегашната криза драстично се зголемува и користењето на социјалните мрежи. Истражувањата покажуваат дека популарноста и сеприсутноста на различните платформи значи дека јавноста повеќе не е пасивен консумент на неточните информации и лаги. Таа реагира на нив, ги дистрибуира, па дури и учествува во нивното создавање. И политичарите се тие коишто ги користат социјалните мрежи повеќе од кога и да е. Па, така и вистинските и лажните информации поминуваат низ истиот канал и тешко е да се одвојат. А во таков хаос, многу е полесно да се пробијат „лошите“ актери и да создаваат уште поголем хаос.

Недостигот од разноликост во медиумското известување, плурализам на гласови и мислења, злоупотребата на просторот во медиумите за политичките актери и нивната агенда и пораки, па дури и кога тие содржеле потпалувачка и воинствена реторика, се меѓу најчесто забележаните проблеми во медиумското известување за време на претходните изборни циклуси. Медиумите неретко биле искористувани како платформа за ширење разни идеологии и манипулации.

Сепак, без оглед на социо-политичките околности, примарната одговорност на новинарите е, пред сè, насочена кон граѓаните, се вели во Прирачникот за новинари за време на избори, издаден од Репортери без граници. Таквата одговорност подразбира медиумите брзо и активно да се вклучат во обезбедување на фактите и во правење разлика помеѓу вистинските и погрешните информации. А, и во демистифицирање на сето она што се наоѓа во „сивата зона“ помеѓу погрешното и вистинското.

„Проверката на фактите се заснова на претпоставката дека луѓето ќе го променат ставот кога ќе бидат конфронтирани со точни информации“, вели професорот на Универзитетот во Северна Каролина Алис Марвик во трудот објавен во Georgetown Law Technology Review.

Политичарите манипулираат со кризата

А, за обезбедување на вистинските информации исклучително е важна улогата на новинарите. Повеќе од кога и да е, тие мора да помогнат да се намалат неконтролираните дезинформации за пандемијата и да се пресретнат обидите за манипулација со изборите на каков и да е начин. Навременото, релевантно и коректно известување стана поважно од кога и да е, и покрај тоа што потрагата по извори и истражувачката работа е отежната со оглед на мерките за претпазливост. Во Повелбата за етичко известување за изборите се нагласува дека медиумите треба да известуваат на начин што ќе биде независен од какви било лични гледишта, надворешни интереси и влијанија што би можеле да ја поткопаат уредувачката независност и професионалниот интегритет. Имајќи предвид дека политичките актери на различни начини може да ја (зло)употребат кризата заради поентирање, било преку критика на мерките на сегашната власт или, пак, преку глорификување на стореното од страна на власта заради зајакнување на сопствениот легитимитет и моќ, медиумите се тие што треба да го имаат главниот збор. Од нив се очекува да ги спречат политичките актери да го централизираат јавниот-комуникациски простор во парадата кон слава, а да го отворат повеќе за други актери чиј глас е важно да се чуе.

Голема ќе биде нивната улога и во заштитата на маргинализираните заедници кои се, исто така, погодени од Ковид-19. Во Прирачникот за етичко известување од изборите се вели дека новинарите особено треба да се насочат кон поттикнување на луѓето чии ставови биле игнорирани или, пак, немале можност јавно да го искажат своето размислување. Тие треба да известуваат за ставовите и интересите на претставници на немнозински групи, професионални здруженија, женски групи, организации за човекови права, итн.

Покривањето на изборите ќе бара активна соработка меѓу граѓанскиот сектор, институциите и медиумите. Доколку не се случи таа соработка и новинарите не работат независно и безбедно, тогаш сосема очекувано е дека јавноста ќе се сврти кон сомнителните извори на информации. Во исто време, медиумите треба да најдат вистинска рамнотежа меѓу важноста на изборите од една страна и легитимните грижи на граѓаните околу нивното здравје, од друга страна.

Во таквата своја улога тие не треба да дозволат власта и политичките партии да одлучуваат во нивно име и за „нивна сметка“. Ниту, пак, да дозволат реалноста да е една слика, а тоа што го гледаме во медиумите да биде друга.

 

Автор: Марина Тунева

Д-р Марина Тунева е извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и доцент на Институтот за комуникациски студии.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.