Медиумите имаат клучна улога за постигнување рамноправност на жените

И покрај тоа што во медиумите и новинарството жените новинарки и водителки се рамноправно застапени, мажите се доминантен извор на експертско мислење во медиумските содржини и ТВ прилози што го продлабочува родовиот јаз и стереотипизацијата. Исто така и комерцијалните и пропагандните програми на ТВ се полни со стереотипи за подредената улога на жената во општеството. Што треба да прават медиумите за да придонесат за постигнување родова рамноправност?

Медиумите значително влијаат врз формирањето на јавното мислење во однос на речиси сите општествени сфери, вклучувајќи го и влијанието врз нашата перцепција за улогата на жените и девојчињата во општеството. Сепак, имајќи ја предвид содржината што медиумите ја пласираат, не само во нашата држава туку и во светски рамки, може да се заклучи дека го постигнуваат токму спротивниот ефект, односно го засилуваат родовиот дисбаланс и ја маргинализараат улогата на жената во општеството. Истражувањата покажуваат дека ваквите пораки се пренесуваат и преку програмата наменета за најмладата публика, што ги прави децата изложени на родови стереотипи и предрасуди уште од најмала возраст.

Од тие причини, потребна е адаптација на медиумската програма и структура, со цел нивна пренамена во алатки за подобрување на положбата на жената и унапредување на родовата рамноправност во општеството.

Родово сензибилизирани медиумски работници/работнички – агенти/агентки за промоција на родовата рамноправност

Поголемата застапеност на жените во новинарството е добра почетна позиција за зголемување на родово балансираното известување во медиумите, но не е предуслов сам по себе. Потребно е медиумските куќи да инвестираат во зголемување на родовата сензитивност на сите медиумски работници/работнички и зголемување на нивните капацитети за препознавање на родово дискриминирачки говор и промоција на родовата рамноправност во прилозите.

Имено, новинарството како професија бележи позитивна тенденција во однос на зголемување на бројот на ангажирани жени во медиумските куќи. Се повеќе и повеќе жени работат како новинарки на глобално ниво. Истражувањето на ЖГИ АНТИКО забележува дека овој тренд е присутен и во нашата земја, односно дека бројот на новинарки во однос на новинари е релативно избалансиран (Графикони бр. 1). Сепак, наспроти ваквата позитивна тенденција, Глобалниот медиа мониторинг проект 2015, потенцира дека дури 46 отсто од медиумските прилози ги зајакнуваат родовите стереотипи додека само 4 отсто јасно ја поттикнуваат родовата рамноправност. Истражувањето на АНТИКО дава приказ дека содржината на медиумските прилози во нашата земја е во линија со овие светски практики.

Графикони бр. 1
Извор: ЖГИ АНТИКО, Родов баланс во известувањето на медиумите (2019)

Оттука, развојот на човечките ресурси во медиумската индустрија, треба да биде во насока на стандардизирање на родово балансираното известување и промовирање на родовата рамноправност. Оваа практика треба да ги опфати сите слоеви од медиумската куќа – новинарите и новинарките, уредниците и уредничките, менаџментот.

Зголемување на медиумскиот простор за женската експертиза

Медиумите можат да имаат трансформативна улога во остварувањето на родовата еднаквост во општеството доколку го зголемат бројот на медиумски прилози во кои се повикуваат на жени професионалки во својата област на делување. На овој начин, преку прикажување на жената во лидерска позиција и експертка, се руши митот за стереотипната примарна улога на жената како домаќинка и нејзината поттчинетост во однос на мажот кога станува збор за професионален и експертски развој и кариера.

Во светски рамки, истражувањата покажуваат дека женските мислења се застапени само во 24 отсто од информативните прилози во медиумите. Истражувањето на АНТИКО заклучува дека соговорнички во дебатните емисии, како и на централните дневни вести на телевизиите во нашата држава, се присутни во помалку од една третина од емисиите, додека останатиот простор е окупиран од мажи соговорници (Графикони бр. 2).

Графикони бр. 2
Извор: ЖГИ АНТИКО, Родов баланс во известувањето на медиумите (2019)

Имајќи предвид дека токму централните дневни вести како и дебатните емисии се главните извори на информирање на јавноста, постојаното повикување на машката експертиза, создава впечаток пред публиката дека машкото мислење е порелевантно за теми од општествениот, економскиот или политичкиот живот во државата. Ваквата состојба ја прави позицијата на жената експерт и професионалка ранлива во општеството и го продлабочува родовиот јаз и стереотипизација.

Селективност во прикажувањето на ЕПП и туѓа забавно-рекреативна продукција  

Медиумите треба да воспостават рестриктивна политика кога станува збор за прикажување видео решенија кои не се нивна продукција, а кои содржински се родово дескриминирачки. Комерцијалните видео спотови, односно рекламите, се вакви продукти, кои многу често својот маркетинг го темелат на родово стереотипни пораки. Така, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги во своето истражување препознава стереотипни елементи во рекламите кои се емитувани на телевизиите, особено во делот на прикажувањето на домашните обврски како женски, додека на спортските активности како машки.

Друг ваков продукт се сериските филмови од турска продукција, кои се особено популарни меѓу нашите медиумски куќи и кои исто така изобилуваат со родови стереотипи и ја величаат машката доминација во домот и професионално. Особено загрижувачки е што овој тип сериски филмови, многу често прикажува насилна содржина во која жената е жртва, а сторителот, кој најчесто е маж, не сноси никакви последици за своето однесување. Пренесувањето на ваквите содржини пред публиката, покрај тоа што нагласува родови разлики, претставува и загрозување на женското достоинство. Од тие причини медиумите треба да прекинат со нивното прикажување.

Медиумите како моќна алатка за родова еднаквост

Медиумските прилози секојдневно креираат реалност за својата публика преку која можат лесно да влијаат врз ставовите на јавноста, да ги модифицираат, изменат или да ги засилат. Од тие причини, медиумите се моќна алатка која треба максимално да биде искористена во полза на промовирањето на родовата рамноправност во општеството. Во таа насока, медиумската индустрија треба да работи на зајакнување на капацитетите на медиумските работници и работнички за креирање и поддршка на родово балансирани прилози и прилози во кои се промовираат женските права и родовата рамноправност. Исто така потребно е промовирање на женската експертиза, на жената како професионалец во својата област и афирмирање на женската улога во општеството како и практицирање рестриктивна политика во прикажувањето комерцијални и забавно-рекреативни содржини кои се темелат на родови стереотипи.

 

Автор: Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, координаторка на прокетот „Родово сензитивни медиуми за родово еднакво општество“, имплементиран од страна на ЖГИ АНТИКО.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.