Задача на МРТ е да креира програма со што ќе придонесува во унапредувањето на едно демократско општество, какво што секој поединец заслужува. За таа цел, МРТ направи голем исчекор во медиумското описменување, почнувајќи од креаторите на телевизиските содржини – новинарите и медиумските работници, преку ТВ проекти и програмски содржини за медиумска писменост на публиката.
По дефиниција, медиумската писменост е концепт кој овозможува пристап, анализа, критичко вреднување и креирање информација или порака со посредство на медиумот. Во тој контекст, медиумската писменост има три компоненти: техничка, критичка и практична способност на креирање на медиумската содржина.
Во ера на неконтролиран наплив од информации, во време кога сме опкружени со различни медиуми, медиумската писменост е неопходна алка што недостасува во едно здраво граѓанско општество. Консументите на информации имаат потреба од нови знаења и вештини за правилна селекција на информациите. Промовирањето на медиумската писменост значи поттикнување на критичкото и на аналитичкото размислување на граѓанското општество.
Секојдневната комуникативна агресија преку медиумите има негативни ефекти врз поединецот. Девастираниот медиумски дискурс има крајна цел – манипулација и дезинформација на јавноста. Во тој контекст, медиумската писменост е императив на новото, дигитално време, а јавните сервиси, тука одигруваат главна улога. Јавниот сервис тоа им го должи на граѓаните.
Етичкиот кодекс на МТВ, голем исчекор во медиумското описменување
Македонската радио телевизија има посебна улога во информирањето на ТВ консументите. Она што МРТ ја прави различна од комерцијалните сервиси е универзалноста, инклузивноста, разноликоста, транспарентноста, непристрасноста. Јавниот радиодифузен сервис создава програма што го негува, поттикнува и го развива секој облик на домашно аудиовизуелно творештво. Квалитет, веродостојност и разновидност во програмските содржини, одбрана и унапредување на европските вредности, на основните човекови права и на националните вредности е основната мисија на јавниот сервис.
Задача на МРТ е да креира програма со што ќе придонесува во унапредувањето на едно демократско општество, какво што секој поединец заслужува. За таа цел, МРТ направи голем исчекор во медиумското описменување, почнувајќи од креаторите на телевизиските содржини – новинарите и медиумските работници.
На почетокот од 2017 година, Македонската радио телевизија го донесе Етичкиот кодекс со кој се дефинираат професионалните стандарди и етичките начела во создавањето на програмата и на другите аудиовизуелни содржини.
Како активен член на Мрежата за медиумска писменост, формирана на иницијатива на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јавниот сервис учествува во сите активности на мрежата. Впрочем, МРТ има законска обврска да ја промовира медиумската писменост. И за сето да не е само декларативно, Македонската телевизија, низ своите програмски содржини: информативни, едукативни и забавни, даде голем придонес во одбележувањето на „Деновите на медиумската писменост“ (од 22 октомври – 15 ноември 2019).
ТВ проекти на тема медиумска писменост
МРТ во соработка со Македонскиот институт за медиуми, а со поддршка на Европската унија реализираше неколку ТВ проекти на тема медиумска писменост. „Медиатека“ е телевизиски прирачник на тема медиумска писменост – за мали, но и за големи. Секое од седумте изданија на „Медиатека“ претставува посебна лекција за тоа што подразбира медиумската писменост. Во емисијата „Вклучи се, исклучи се“ се отвори прашањето за социјалните мрежи и информациите. Оваа дебата даде одговор, како да се одбраниме од „дигиталните болести“ коишто се последица на информациската експлозија. Кратките аудиовизуелни форми „Медиана“, „И новинарите грешат“ и „Новко“ кои се плод на соработката со Институтот за комуникациски студии имаат редовен простор во Програмската шема на МТВ.
Следејќи ги промените во општеството и истовремено, потребата на поединецот да учествува во општествените збиднувања, со амбиција да се изгради критериум за вистински вредности, Училишната програма на МТВ нуди концепт кој истовремено едуцира и забавува. Контактно-училишната програма „Ѕвон“ со децении е полигон за создавање млади таленти. Учениците од сите основни училишта на територијата на Македонија, имаат можност да научат како се креира содржина. Тие директно учествуваат во производството на едно аудиовизуелно дело. Македонската телевизија е домаќин на средношколците од цела Македонија кои во организација на Институтот за комуникациски студии го поминуваат „Медиумскиот ден“ во студијата на МТВ – онаму, каде што директно се пакува и испраќа информацијата.
Јавниот сервис, во таа насока е уникатен модел за зајакнување на медиумската култура кај најмладите. На тој начин, Македонската телевизија учествува во процесите на моделирањето на младата личност во здрав поединец кој фаќа чекор со модерниот свет.
Медиумската писменост е дел од петгодишната стратегија на МТВ
МРТ е отворена за граѓаните. Преку електронската адреса: [email protected] ТВ консументите имаат можност да ги достават своите идеи, забелешки и сугестии. На тој начин директно или индиректно учествуваат во креирањето на програмската шема.
Степенот на развој на едно демократско општетсво, веќе се мери според степенот на медиумска писменост. Македонската радио телевизија како сервис на граѓаните и како коректор на општествените збиднувања треба да се носи со задачата што законски ја има. Во спортивно – нема јавен сервис. Впрочем, во петгодишната стратегија за развој на Јавниот радиодифузен сервис, акцентот е ставен на отворање и унапредување нови платформи преку кои ќе се промовира и унапредува медиумската писменост.
Автор: Анета Андонова, главен уредник на Првиот програмски сервис на МРТ
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.