Финаниска помош за медиуми за време на кризата со КОВИД-19

Медиумите известуваат за здравствената криза, преживувајќи ја економската

Економската криза која ја предизвика пандемијата со коронавирусот не ги заобиколи ниту медиумите кои застанаа во првата линија на фронтот против опасниот вирус заедно со медицинските работници.

Социјалната и економска сигурност во услови на двојно зголемен обем на работа и огромниот здравствен ризик при известување за теми поврзани со Ковид-19 станаа најголемиот предизвик на новинарите и медиумските работници во речиси сите професионални медиуми во Северна Македонија.

Соочени со намалување на приходите и ризикот од отпуштање на новинари и медиумски работници, новинарските организации како ЗНМ и ССНМ уште во март почнаа да апелираат до Владата да најде начин да им помогне да ја пребродат кризата со цел да се задржи нивото на кредибилно и објективно известување кое беше неопходно во услови на зголемено ширење на дезинформациите за се што е поврзано со пандемијата.

Во услови на вонредна состојба и распуштен парламент поради предвремените избори кои во меѓувреме беа одложени, Владата донесе неколку уредби со законска сила за помош на економијата, вклучувајќи ја и помошта од 14.500 денари минимална плата за секој вработен за месеците април и мај, а за која можеа да аплицираат и медиумите, како и ослободување од плаќање на придонеси за медиумските работници. Управата за јавни приходи се уште не ги објавила податоците за тоа колку медиуми ја искористиле оваа мерка. Досега државата издвои над 2,5  милиони евра помош за медиумите по неколку основи со цел да се справат со економската криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.

Со уредбата со законска сила од 30 мај 2020 година, Владата одлучи да пренамени средства од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, односно на петте национални телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат-М) како и на останати шест регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, да им го покрие годишниот трошок кон операторот А1 во висина од над половина милион евра. Но, бидејќи беа опфатени само неколку телевизии, потегот наиде на негативни реакции од новинарските здруженија, а локалните и регионалните радиодифузери најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата.

ЗНМ и ССНМ сметаа дека оваа одлука ги дискриминираше другите медиуми и бараа да се опфатат сите радиодифузери кои исполнуваат услови за концесија, посебно локалните затоа што се од големо значење за информирање на локалните заедници во време на здравствена криза.

Со оглед на фактот дека новинарите и и медиумските работници се една од главните алки во борбата против ширењето на коронавирусот и извршуваат работа од јавен интерес, имаше потреба од посебен пакет мерки кој ќе се однесува на професијата. ССНМ се повика и на повикот од Европската федерација на новинари до “националните влади, Европската комисија и ЕП за брза и координирана акција за поддршка на сите медиумски работници – вработени, слободни новинари и самовработени – како одговор на разурнувачкиот економски удар од глобалната криза во медиумскиот сектор“.

На почетокот на јуни Владата ги прифати барањата на Синдикатот, а

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) откри дека се подготвуваат нови уредби со кои и радио станиците би се ослободиле од оврската за плаќање на годишниот надоместок за користење на фрекфенции кон Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Директна поддршка за новинарите и медиумските работници

На 11 јуни, Владата донесе уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите кои работеле и известувале за состојбата со Ковид-19 за време на вонредната состојба за месеците јуни, јули и август 2020 година.

Државата целосно ќе ги покрие придонесите од плата на вработените во медиумите, вклучувајќи ги телевизиите, радијата, печатените медиуми и електронските онлајн медиуми под услови кои претходно ги предложи ССНМ.

“Оваа мерка ќе можат да ја искористат само оние медиуми кои за време на кризата не отпуштиле ниту еден работник поради кризата, а не смеат да отпуштаат ниту за времетраењето на субвенционирањето. Оние медиуми кои поради кризата ги намалиле платите на дел или на сите вработени, за да можат да ја користат мерката, ќе мора да ја вратат платата на нивото од пред почетокот на вонредната состојба. Право на оваа мерка ќе имаат медиумите со најмалку тројца постојано вработени работници и со ова, поддршката ќе стигне токму за оние за кои е наменета, за новинарите и медиумските работници“, рече вицепремиерот Бујар Османи на презентирањето на сетот мерки.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски истакна дека при носењето на одлуките Владата не направила селективност, критериумите се многу јасни и прецизни и дека тие биле направени во консултација со ССНМ и новинарските здруженија.

Оваа уредба ги опфати сите медиуми, но се заснова на начинот на кој тие се регистрирани согласно законските прописи.

Кај телевизиите и радијата, оваа помош ќе ја добијат медиумите кои имаат дозвола за ТВ или радио емитување издадена од АВМУ и се регистрани во Регистарот на телевизии и радио станици на истата агенција.

Помошта за печатените медиуми се однесува на оние весници и списанија од општ информативен карактер кои објавуваат содржини за тековните политички, економски, социјални и културни прашања, кои се регистрирани на територијата на Република Северна Македонија и се наоѓаат во регистарот на издавачи во АВМУ.

Поддршка ќе добијат и порталите кои имаат веродостоен импресум, уредник, редакција, контакт податоци и адреса, кои имаат регистрирано правно лице во РСМ и транспарентно да ја декларираат својата сопственост.

ССНМ ја поздрави одлуката на Владата да го прифати барањето за субвенционирање на придонесите затоа што мерката е важен чекор кон подобрување на работничките права. Идејата за помош произлегува од анализата на ССНМ дека претходните економски мерки кои се однесуваа на медиумите не успеале да ја постигнат целта затоа што платите на вработените во дел од медиумите беа намалени, а во одредени редакции беа забележани и отпуштања.

“ССНМ своето барање до Владата за оваа мерка го темелеше на три принципи – начелото дека само социјално и економски обезбедени медиумски работници може професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста, како и фактот дека целта на секоја економска помош треба да бидат самите вработени, односно подобрување на нивната социјално-економска положба . Третиот принцип се однесува на фактот дека новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата се на фронтот во борбата против вирусот“, наведува ССНМ.

Првиот човек на ССНМ, Звездан Георгиевски рече дека со новата уредба синдикатот издејствувал да нема отпуштања и да се вратат платите на нивото пред почетокот на кризата.

“Според наше убедување сите мерки што дотогаш ги носеше владата беа за помош на фирмите и многу малку од тоа се однесуваше на вработените и луѓето кои го создаваат профитот. Ние имавме инстинкт дека и овојпат големите медиуми и нивните сопственици ќе добијат бенефиции и затоа се насочивме на правата во работниот однос. Како синдикат бевме против директна финансиска помош на владата во било кој медиум затоа што тоа остава сомнеж на клиентелизам“, истакна колумнистот и новинар, Звездан Георгиевски.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека финансиската помош за Ковид-19 кризата, плус парите за медиумите од изборната кампања од над три милиони евра изнесуваат помеѓу 20 и 30 проценти од маркетинчкиот колач.

„Тоа не се малку пари, но проблемот е што не се мерливи ефектите од оваа помош“, вели Чадиковски.

И ССНМ и ЗНМ се согласуваат дека секоја предвидена помош од државата за медиумите како основен принцип треба да ја има директната поддршка на новинарите и медиумските работници, односно развојот на новинарството.

Олеснување и за радио станиците

Владата на последната седница пред истекот на вонредната состојба ја измени и дополни уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата со предизвикана од Ковид-19 со што ги опфати и радио станиците и радиодифузерите кои имаат дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа.

Со уредбата е изменета и дополнета одлуката за начинот на исплата на средствата од сметката за донација на Фондот за помош во која се додадени естрадните уметници и радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, за надомест на трошоците за пренос на сигнал (дотур на модулации) за 2020 година.

На 66. Владина седница донесена е уредба со законска сила за начин на наплата на надоместоците од страна на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија од радиодифузерите кои вршат радио емитување за време на вонредна состојба. Тоа значи дека ЈП НРД на радио станиците нема да им ги наплаќа трошоците за електрично напојување на нивната опрема преку дистрибутивната мрежа или пак преку агрегати за цела 2020 година, како

 и трошоците за закуп на деловен простор на радиодифузни објекти на ЈП МРД за 2020 година.

Вкупниот износ кој ЈП НРД го отстапува, односно нема да го фактурира во текот на 2020-та година, за овие Друштва по сите основи е 6 милиони денари или 100.000 евра. Точната сума ќе зависи и од цената и потрошената количина на електричната енергија и други енергенси при користење на агрегатите во соопственост на ЈП НРД.

ЈП НРД соработува со седум радио куќи на ниво на целата држава и најголем дел од нив користат под наем простор од неговите антенски столбови и напојување со електрична енергија.

Радијата кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба ги платитле надоместоците, ќе се смета дека извршиле плаќање на надоместоците за 2021 година, согласно Законот за основање на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија.

Оваа одлука дојде во последен час по реакцијата на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми АПЕММ . Асоцијацијата сметаше дека веќе одобрената сума од Владата за фрекфенција во висина од 5.343 евра е само 10% од реалниот трошок на радијата за дистрибуција кој изнесува 66.500 евра на годишно ниво, а тоа е премалку во однос на националните телевизии кои по овој основ, според нив, ќе добијат 78.000 евра за годишен надоместок кон приватниот оператор А1 за вкупни трошоци.

Постои ризик мерките да се сфатат како предизборен поткуп

Во најголем дел од барањата на медиумите и новинарските организации, Владата излезе во пресрет со неколку пакети на мерки. Но сите одлуки за помош за справување со кризата се донесени со уредби со законска сила за време на вонредна состојба од техничка влада која треба да ги организира изборите на 15 јули, па секоја од нив може да биде сфатена како предизборен поткуп и да биде предмет на политичка пресметка помеѓу најголемите партии. А, почетокот на изборната кампања е и причината што дел од менаџерите на најголемите медиуми не сакаат да ги оценуваат економските мерки и ефектот од нив за да не бидат протолкувани погрешно и да не биде загрозен интегритетот на медиумот со кој раководат.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски смета дека целта на Владата била да се опфатат сите медиуми, да нема дискриминација и фаворизирање и да се помогне колку што се може, а за ефектот од мерките треба да одговорат тие кои ги користат мерките.

“Владата во изминатиот период соочени со кризата предизвикана од КОВИД-19, во повеќе наврати и преку различни механизми и пакети мерки, се обиде да помогне на најпогодените сектори. Во таа група на погодени сектори секако за жал беа и медиумите, кои во изминатите неколку месеци беа први на терен од каде известуваа непречено, во интерес на граѓаните. Ние дури и би кажале дека медиумите се најпогоден сектор, со оглед на тоа што другите погодени сектори не работеа за време на кризата, за разлика од медиумите кои мораа да продолжат да работат со ист, па во одредени случаи и со зголемен капацитет и ризик“.

Министерот Манчевски вели дека неселективниот пристап е доказ дека финансиската помош за медиумите не е никакво влијание врз нив.

“Нормалното функционирање на медиумите е столбот на една демократија, а навременото информирање на граѓаните особено во време на пандемија е од суштинско значење. Оттука, а имајќи го предвид неселективниот пристап, одговорно тврдам дека не станува збор за никаков поткуп. Помош обезбедивме за сите погодени сектори и логично беше да се обезбеди помош и за медиумите. Треба да се потсетиме дека ние влеговме во изборен процес без никаква помош за медиумите пред настапување на здравствената криза. Ако имавме било каква намера за поткуп или влијаење на медиумите, тоа ќе го направевме и пред здравствената криза. Така што воопшто не станува збор за таква работа, но интересно е да се знае дека опозицијата е против помош на медиумските работници во вакви кризни времиња“, додаде Манчевски.

Секоја помош од државата за медиумите може да се сфати како некаков поткуп, велат од ССНМ. Брзите решенија беа неминовни поради КОВИД-19, но некаква долгорочна поддршка за новинарството или за оние медиуми на кои им е навистина неопходна, а кои придонесуваат сериозно за демократскиот амбиент и информирањето на граѓаните (како локалните на пример) не смее да биде донесене без долга и детална дебата на сите клучни чинители.

АВМУ прва со донација за радиодифузерите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одлучи да додели прилично висока сума за справување со последиците од коронавирусот уште на почетокот на економската криза, односно во средината на март кога пандемијата почна да зема замав и во нашата земја.

АВМУ тогаш одлучи да додели финансиска помош од околу 1,7 милиони евра (105 милиони денари) наменета за радиодифузерите, Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи.

Најголемиот дел од средствата или 1,67 милиони евра (103 милиони денари) се доделија на радиодифузерите и тоа: 1,19 милиони евра (73 милиони денари) на радиодифузерите (комерцијални и непрофитни) коишто во моментов вршат телевизиско или радио емитување и 487.000 евра (30.000.000,00 денари)  на Јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија (МРТ). Овие средства беа наменети за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање.

Средствата за радиодифузерите се распределени на следниов начин: на сите радиодифузери, кои во 2019 година и во 2020 година го имаат платено годишниот надоместок за телевизиско или радио емитување на сметката на АВМУ, ќе им биде вратен уплатениот износ за надоместокот за дозвола за 2019 и за 2020 година, намален за износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства кои се доделуваат по овој основ е нешто над еден милион евра (65.099.000,00 денари); на радиодифузерите на кои рокот за плаќање на годишниот надоместок за дозвола им доспева по донесување на одлуката за донација, и тоа до крајот на 2020 година, Агенцијата нема да го побарува годишниот надоместок, туку ќе им издаде фактура чија висина соодвествува само на износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства кои се доделуваат по овој основ е над 100.000 евра (7.901.000,00 денари).

Со сите субјекти, Агенцијата склучи договори за донација кои стапија на сила веднаш по потпишувањето од страна на договорните страни и почнаа да се применуваат по добиеното позитивно мислење за јавниот интерес од страна на Министерството за правда.

 

Владини мерки за помош на медиумите

– По предлог на АЕК, донесена уредба со која радијата се ослободени од трошоците за користење на радиофреквенции кон АЕК и од трошоци за користење на опрема и услуги што ги користат од ЈП МРД за 2020 година (100.000 евра);

– Телевизиите кои имаат дозвола да се емитуваат преку дигитален терестријален мултиплекс се ослободени од надоместокот за дигитализација за 2020 година, што државата ќе му ја плати на операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс (515.974 евра);

– Телевизиите кои имаат дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс, односно кабелските телевизии или преку сателит се ослободени од трошоците за пренос на сигнал (дотур на модулации) за 2020 година кои ги имаат кон операторите кои ги реемитуваат;

– Субвенционирање  на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, кои работеле и известувале  за надминување на состојбата со КОВИД-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година; Под претпоставка дека речиси сите медиуми ќе ја искористат оваа мерка помошта ќе изнесува над 700.000 евра.

– Медиумите може да ги користат и сите други мерки и уредби за ублажување на економските последици како што е мерката од првиот пакет за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април, мај, а сега и за јуни, во висина од 14.500 денари.

Развиените земји ја зголемија помошта за медиумите

Меѓународната федерација на новинарите (ИФЈ) и Европската федерација на новинарите (ЕФЈ) го делат ставот дека професионалните медиуми мора да се третираат како јавно добро и дека новинарите треба да имаат ист статус со медицинските лица, полицијата и другите професии кои се најизложени во борбата со опасниот вирус. Затоа и апелираа до владите да најдат начин да им помогнат на своите медиумски организации.

Швајцарската влада одобри итна помош од 57,5 милиони швајцарски франци за медиумите кои имаат пад на приходите од реклами, како резултат на пандемијата од коронавирусот. Радио и ТВ станиците добија 30 милиони франци, додека весниците за дистрибуција се субвенционираат со 17,5 милиони франци за шест месеци. За истиот период се издвоени 10 милиони франци за плаќање на претплата за електронски медиуми на швајцарската новинска агенција Keystone-SDA.

Австрија издвои 32 милиони евра помош за медиумите, а Шведска ја зголеми постоечката помош за медиумите за 19 милиони евра. Данска на медиумите кои имаат загуби од 30 до 50% им покрива 60 до 80% од загубите, како и 75% од платите на медиумските работници ако медиумот не отпушти ниту еден работник.

Австралиската федерална влада објави дека ќе го поддржи регионалното новинарство и издвои 100 милиони долари вреден пакет мерки како што се даночни олеснувања за телевизиите и радијата.

 

Автор: Орце Костов

Текстот е преземен од публикацијата „Новинарството како јавно добро“ на Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници.