Пандемијата покажа дека локалните вести се поважни од кога и да е

За време на пандемијата со коронавирусот, Ед Јонг, вработен во „Атлантик“ напиша импресивна серија на детални текстови за вирусот кој ја предизвикува болеста КОВИД-19 и за често збунувачките детали за тоа како се шири, за тоа што велат здравствените експерти што треба да правиме и што државите всушност прават (или не прават). Минатиот месец магазинот го објави неговиот последен текст со наслов: „Американската збунувачка пандемија создава поголеми проблеми“. Во овој текст, Јонг анализира како вирусот различно ги допира различните држави. Во некои бројот на нови случаи веќе подолго време се намалува, што укажува на тоа дека тие имаат некаква контрола (барем за сега). Во други, пак, бројот на нови случаи расте, додека во трети кои забележаа пад на бројот на заболени сега се соочуваат со нов врв. Јонг во својот текст објаснува:

„Коронавирусот во различни држави во САД се шири различно, со што предвидувањата, контролата и разбирањето на кризата ги прави многу тешки“.

Според уредникот на Колумбија џоурналисм ривју и издавач, Кајл Поп, една од последиците на оваа збунетост е дека кредибилитетот на локалните вести и информации стана поважен од кога и да е. Едноставно нема шанси за единствен и целосен национален наратив во врска со вирусот или како се одвива справувањето со него (или несправувањето), затоа што не изгледа исто во секоја држава или дури и во секој град. И овој податок го прави наглиот пад на локалните медиуми уште попроблематичен и потенцијално опасен. Според извештајот Брукинг, дури 37 од државите кои пријавиле случај на заболен со КОВИД-19 го изгубиле својот локален весник во последните 15 години (иако, Џош Бентон од Новинарската лабораторија Ниман забележува дека има добри причини да се биде скептичен за оваа специфична статистика).

Ако вирусот повторно се врати и државите треба повторно да се затворат, Јонг вели дека „луѓето најверојатно нема да ги следат препораките бидејќи ќе бидат дезинформирани и нема да имаат доверба“. Според здравствените антропологисти мерките кои се потребни за сопирање на вирусот-тестирање, пронаоѓање на контактите и така натаму-зависат пред се од тоа „колку се вклучени и посветени граѓаните“.

За сите кои живеат во Њујорк, известувањето за тоа како градоначалникот Бил де Бласио и гувернерот Ендрју Куомо ја одложија наредбата за затворање-делумно поради нивната меѓусебна борба за моќ – беше всушност лесно достапно затоа што медиуми како ПроПублика и Њујорк тајмс пишуваа за тоа и укажуваа на влијанието на одлуките. Но, што се случува со оние кои живеат во помалите градови, особено во оние делови каде што ширењето на вирусот не опаѓа, туку напротив се засилува? Како на пример во Тексас и Северна Каролина? За среќа во Тексас постои Тексас Трибјун, непрофитен медиум кој е посветен на покривање на државата, на истиот начин на кој ПроПублика покрива теми од национално значење. Но, не сите држави имаат нешто како ова, всушност повеќето немаат.

Тоа не значи дека овие држави немаат весници или други медиуми кои не произведуваат добро новинарство, како на теми поврзани со вирусот така и на други теми, но многу од нив толку често кратеа на ресурси што нивниот капацитет беше ограничен и пред пандемијата. Одвреме-навреме има изблици на квалитетни вести на локалниот новинарски фронт, како што е неодамнешното отворање на непрофитниот БриџДетроит, финансирано со пет милиони долари од Фондацијата Најт и други, или вестта дека екс-директорот на Гугл, Ерик Шмит и неговата сопруга донирале 4,7 милиони долари на медиумска мрежа предводена од Националното Јавно Радио, насочени за покривање на области кои ретко стигаат во медиумите. Но, ваквите објави се ретки и далеку од доволни.

Дури и да има единствен наратив околу коронавирусот, би требало да се напрреварува со постоечкиот некохерентен национален наратив – оној кој доаѓа од Претседателот и од Белата куќа и кој вели дека се е во ред, дека борбата против вирусот се одвива според планот, дека нема недостаток на лекови, хидрохлорокинот функционира и дека вирусот наскоро ќе го снема.

Неколку практични примери за важноста на локалните вести:

Работење од дома, надвор од големите градови. Новинарите кои работеа во редакциите во Њујорк или Вашингтон мораа да известуваат од дома и во некои случаи тоа беа државите или градовите од кои потекнуваат. Според Ричард Тофел од ПроПублика, тоа создало некои неочекувани придобивки.

„Распрсната работна сила си има свои предизвици, но исто така и значајни придобивки. Една од нив е дека како национална организација, тоа и тоа како помага за да имаме пораспространет пристап и поразноврсни перспективи“, изјави Тофел за Си-Ен-Ен.

Даночните обврсници како сопственици: Додека медиумската индустрија бара алтернативни модели за финансирање на локалното новинарство, еден многу значаен и интересен експеримент од американската историја е занемарен, пишува Виктор Пикард, професор на Универзитетот Пенсилванија, Аненберг школа за комуникации и автор на книгата „Демократија без новинарство?“

На почетокот на овој век, вели тој, Лос Анџелес експериментираше со општински весник: медиум во сопственост и финансиран од даночните обврзници. Весникот беше популарен, но не траеше долго. Според некои извештаи весникот бил жртва на клеветничката кампања започната од ривалските комерцијални весници.

Не е само во САД. И други земји исто така се соочуваат со истите предизвици со кои се соочува локалното новинарство. Според извештај на Гардијан, во Австралија повеќе од 150 редакции привремено или засекогаш затвориле од 2019 година наваму, вклучувајќи ја и редакцијата на Базфид. Повеќе таканаречени фамилијарни медиуми затворија целосно, вклучувајќи ги Кејо и Торес њуз, кој престана да се печати по 60 години, како и сто години стар дневен весник во северниот дел на Австралија кој беше затворен од сопственикот – Групацијата Елиот Њуспејпер.

 

Извор: Колумбија џоурналисм ривју

Текстот е преземен од публикацијата „Новинарството како јавно добро“ на Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници.