Не ги давајте лесно вашите лични податоци, не е забавно!

Не сите апликации од трети страни имаат за цел да ги украдат и злоупотребат вашите лични податоци, но секако постојат такви развиени баш со таа цел. Затоа, внимавајте што и со кого споделувате

Потребата да се остане дома и да се одржува физичка дистанца, а сепак да се биде поврзан и во тек со настаните, разбирливо, го зголеми времето кое корисниците го поминуваат на социјалните медиуми. Истражувањата велат дека користењето апликации во претходните неколку месеци е зголемено за повеќе од 20 отсто како резултат на карантините поради пандемијата од Covid-19, во однос на последниот квартал од минатата година.

Ако и вие поминувате доста време на социјални медиуми, повеќе од сигурно е дека на ѕидот (особено на Фејсбук) ви се појавил некој квиз. Овие активности најчесто се споделуваат меѓу пријателите со интенција одговорите да откријат интересни работи за личноста или за нејзината иднина. Па така, ве предизвикуваат да видите како ќе изгледате кога ќе остарите, или како ќе изгледа вашето дете, со партнерот/партнерката. Има такви кои ви кажуваат каков е вашиот карактер, или кое е мотото на денешниот ден, и многу други.

Но, дали знаете што всушност се случува кога ќе кликнете да одговорите на некој од зададените предизвици? Истиот момент давате согласност мноштво податоци собрани како директен внес или активност на социјалниот медиум да преминат ‘во рацете’ на развивачот на апликацијата, кој и да е тоа. Така, навидум забавните и едноставни предизвици, можат да кријат намера на ‘третата страна’ која ја развила апликацијата (third-party apps) да ги украде вашите лични податоци.

Проблемот се зголемува поради тоа што прибирањето на податоците не завршува откако ќе одговорите на прашањата од квизот. Ако само еднаш ја поврзете апликацијата на вашиот налог на социјалниот медиум, развивачот може да ја одржува таа врска долго време после тоа. Така информациите од вашиот профил продолжуваат да пристигаат во неговата база. Неодамна, од Фејсбук признаа дека има случаи кога апликациите продолжуваат да добиваат информации од корисниците дури и по 90 дена откако тие престанале да ги користат. Тоа значи, како што наведуваат, ако некој користи апликација за фитнес и ги покани пријателите да вежбаат заедно,ч9 апликацијата ќе ги добие податоците дури и од контактите кои со месеци не се активни.

Не се само вашите податоци во прашање

Креирањето налог на социјален медиум подразбира дека сте ги прочитале правилата и условите на платформата. Притоа, со инсталирање апликација свесно давате дозвола за:

„… Пристап до вашиот јавен профил, вклучително вашето име, слики на профилот, корисничко име, кориснички број, контакти и сите информации што ќе изберете да ги направите јавно достапни. Исто така, на апликацијата и давате други информации за да го персонализира вашето искуство, вклучувајќи го списокот на пријатели, полот, возраста и локацијата “.

Значи, користејќи ја апликацијата, покрај вашите, сте ги дале на користење и информациите на вашите пријатели, роднини, соработници- сите што се наоѓаат на вашата листа, без тие да го знаат тоа. Но, важи и обратното. Вашите контакти, користејќи ги апликациите, без вие да сте одобриле, ги даваат вашите податоци на трети страни.

Секој има лична одговорност

Сите социјални медиуми имаат правила за заштита на личните податоци. Иако, барем декларативно, сите се трудат да ги заштитат податоците на корисниците од злоупотреба, постојано сме сведоци на афери кои вклучуваат протекување на информации. Токму затоа, податоците кои социјалните медиуми, посебно Фејсбук, ги споделуваат со апликации развиени од трета страна во последно време се под засилен надзор.

Социјалните медиуми нудат начини сами да управувате со податоците, да контролирате кои апликации и веб страници можат да пристапат до вашите информации, поттикнувајќи ве да ја направите вашата сметка што е можно посигурна и поприватна. Со тоа одговорноста за споделување на податоците станува ваша. Дополнително, на страницата што ја промовира алатката Off-Facebook Activity, од Фејсбук потенцираат дека „вие сте најдоброто лице што може да ги контролира податоците“. Значи, секој корисник има лична одговорност.

Завршете го вашиот дел од задачата

Не сите апликации од трети страни имаат за цел да ги украдат и злоупотребат вашите лични податоци, но секако постојат такви развиени баш со таа цел. Затоа, внимавајте што и со кого споделувате.

Бидете скептични! Пред да одговорите на прашањата од некој квиз, проверете кој го направил и со каква цел. Внимавајте со прашања кои бараат работи како што е моминското презиме на вашата мајка, улицата или градот каде сте пораснале или името на средното училиште. Тоа што навидум изгледа забавно не значи дека во позадина не крие поголем ризик.

Уште веднаш погледнете ги вашите поставки и разгледајте ги сите карактеристики за приватност и безбедност. Оневозможете го следењето на локацијата и проверете дали знаете кој може да ги види вашата сметка и фотографии. И покрај мислењето дека имате контрола над податоците, резултатите од проверката може да ве шокираат.

Однесувајте се одговорно, затоа што откажувањето од личните податоци не е ни малку забавно.

 

Автор: Славица Биљарска

Славица Биљарска е магистер по односи со јавноста, предавач и граѓански активист. Повеќе од петнаесет години им помага на организациите нивните каузи и активности да добијат на видливост. Поле на особен интерес и се дигитални комуникации и социјални медиуми, развој и имплементирање на стратегии за односи со јавноста и градење бренд. Еден е од идејните творци и ко-организатор на првата интернет маркетинг и онлајн ПР конференција во Македонија AllWeb.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.