Ни требаат нови бизнис модели за новинарството

Британскиот Институт Ројтерс во соработка со Универзитетот Оксфорд на средината на јуни го објави шестиот годишен Извештај за дигитални вести 2020. Наодите кои се базирани на прашалници направени пред и за време на пандемијата со КОВИД-19 покажуваат интересни детали за иднината на медиумската индустрија, особено на локално ниво; анализира промени во консумирањето вести, суштинското прашање на довербата; нивото на дезинформирање и погрешни информации, менувањето на бизнис моделите и растот на платените содржини, како и новиот однос кон медиумското покривање, вклучувајќи ги и климатските промени.

„Најверојатно кризата ќе ги забрза долгорочните структурни промени кон подигитални, помобилни медиуми кај кои повеќе ќе доминираат платформите“, вели Расмус Клајс Нилсен, директор на Институтот Ројтерс за изучување на новинарството во предговорот на извештајот.

Според, Ник Њузман постар истражувач соработник, сериозноста на кризата ја засили потребата за кредибилно, точно новинарство кое ќе ги информира и образува граѓаните, но исто така не потсети и колку сме отворени за заговори и дезинформации.

„Новинарите повеќе не го контролираат пристапот до информациите, додека се поголемото потпирање на социјалните медиуми и другите платформи им дава на луѓето пристап до широк спектар на извори и ‘алтернативни факти’, од кои некои се спротивни на официјалните совети, заведувачки или едноставно неточни“, вели Њузман.

Според Европската федерација на новинари ова се најинтересните наоди:

Привремен скок на довербата

Пандемијата со коронавирусот изгледа како да понуди привремено одложување на надолниот тренд на довербата кон медиумите. Само 38 проценти од луѓето рекле дека им веруваат на вестите постојано. Помалку од половина – 46 проценти рекле дека му веруваат на својот омилен извор на вести. Само шестмина од нив рекле дека можат да им веруваат на „повеќето вести најголем дел од времето“. Но, работите сериозно се промениле веднаш по избувнувањето на пандемијата. Само малку поразлично прашање поставено во Април, за нивото на доверба во информациите за коронавирусот покажа доверба во медиумите од 59 проценти, речиси еднакво како и довербата во националните влади.

Од април 2020 довербата во медиумското покривање на КОВИД-19 беше релативно високо во сите држави, на слично ниво со довербата во владите и далеку повисоко од довербата во индивидуалните политичари. Кога станува збор за информации за КОВИД-19, довербата во медиумите беше повеќе од двојно поголема од онаа во социјалните мрежи, видео платформите или сервисите за пораки.

Непристрастни вести

Покрај сите анализи на прашањата за доверба, повеќето луѓе, или оние кои извештајот ги нарекува ‘тивко мнозинство’, преферираат како што тие ги нарекуваат – ‘објективни’ вести. Авторите на извештајот не го имаа поставено ова прашање од 2013 година, од кога мислењето и отворените ставови за известувањето на медиумите забележа пораст. Во девет земји каде што беше истражувано, сите одговори беа дека се преферираат вести од извори без „гледна точка“. Преференциите се најсилни во Германија, Јапонија, Обединетото кралство и Данска. Сите овие „се земји со силни и независни јавни радиодифузери“, пишува во извештајот. За споредба, во САД, „каде што и политиката и медиумите станаа значително поларизирани во последните години“, многу повеќе луѓе рекле дека сакаат вести кои ја делат нивната гледна точка.

Дезинформации

Глобалната загриженост за дезинформациите и денеска е голема. Дури и пред кризата со коронавирусот, повеќе од половина од испитаниците рекле дека се загрижени за тоа кои вести се точни или неточни на интернет. Домашните политичари се единствениот, најчесто именуван извор на дезинформации, иако во некои земји, вклучувајќи ги и САД, луѓето кои се самоидентификуваат како десничари се понаклонети да ги обвинуваат медиумите. Фејсбук се смета за главен канал за ширење на лажни информации речиси во сите земји.

Локални и регионални вести

Во повеќето земји локалните весници и нивните веб-страници остануваат главен извор на вести за одреден град или регион, стигнувајќи до четворица од 10 (44%) граѓани неделно. Податоците, пак, покажуваат дека во многу од испитуваните пазари, и локалните и регионалните вести генерално стојат многу добро во однос на довербата. Но, Фејсбук и другите социјални медиуми сега се користат од речиси третина (31%) од граѓаните за вести и информации, што става притисок врз компаниите и нивните бизнис модели. Иднината на локалните вести е неизвесна и без поголема поддршка (јавна) понатамошни затворања и трошоци се неизбежни.
„Кризата во локалните медиуми ќе стане се полоша, со повеќе повици за поддршка од владите и технолошките компании, заедно со сите проблеми кои ова ги носи во поглед на медиумската независност“, пишува во извештајот.
Додека пандемијата ја зголеми важноста за демократијата од точни и релевантни информации и известување на локално ниво, според извештајот има голема разлика во интересот за локалните вести во зависност од тоа дали државата има федерален или централизиран систем на владеење. Шансите за локалните медиуми да преживеат исто така зависи од иновативните начини за поврзување со (младата) публика онлајн.

Според наодите, долгорочното постоење на локалните вести ќе зависи од пронаоѓањето на нови и оддржливи бизнис модели, привлекување на нови генерации на корисници и брзото префрлување кон онлајн содржини и вклучувањето на публиката. Локалните медиуми ќе мора да покажат дека се креативни и храбри за да можат брзо да реагираат на брзо променливата технологија. Без поддршка, понатамошни затворања и големи кратења на работни места се неизбежни.

Иновации и промена на конзумирањето на вести

Кога се зборува за промена на бизнис модели, извештајот смета дека во фокусот е зголемувањето на потребата за плаќање за содржини од страна на читателите. Ова е пред се, но не и само поради драстичниот пад на приходите од реклами поради КОВИД-19 кризата. Во последната година само мал број на големи дигитални медиуми имаат зголемување на бројот на читатели преку претплата. Зголемената употреба на подкасти и аудио, особено меѓу младите е фасцинантна, но исто така многу се разликува од земја до земја (прва е Турција, на дното е Обединетото Кралство). Инстраграм најверојатно ќе го надмине Твитер како извор на вести со оглед на тоа што од 2018 година двојно се зголемени корисниците. За време на КОВИД-19, издавачите наоѓаа различни начини да ги прикажат и испитуваат податоците. Но, значајна ќе биде поголемата ефикасност за дистрибуција на формати како видео, подкаст, електронска пошта и нотификации, кои можат многу да помогнат. Сепак, многу од медиумите продолжуваат да имаат проблем со поголемо вклучување на новите генерации и други тешко достапни групи.

Плаќање за онлајн вести

Забележано е зголемување на претплатата за онлајн вести во повеќе земји, вклучувајќи ја Норвешка со 42 проценти, како и помали зголемувања на опсегот на други пазари. Сепак, повеќето луѓе сеуште не плаќаат за онлајн вести, дури и покрај тоа што некои издавачи пријавија таканаречен „коронавирус“ скок.

Следните 12 месеци „критични“ за иднината на вестите

„Кризата со КВИД-19 јасно ја покажа вредноста на кредибилни, доверливи вести како за публиката така и за создавачите на политиките, технолошките компании и други кои потенцијално можат да дадат поддршка за независните медиуми. Креативноста на новинарите исто така е многу важна во пронаоѓањето флексибилни начини за производство на вести под екстремно тешки околности. Проверката на факти стана многу важен дел од работењето на редакциите, поддржувајќи ја дигиталната писменост се пошироко и помагајќи во борбата против многуте теории на заговор кои се појавуваат на социјалните медиуми, но и секаде. Следните 12 месеци ќе бидат многу значајни за моделирањето на иднината на медиумската индустрија и новинарството. Многу медиуми влегуваат во овој период со како никогаш до сега јасно знаење за вредноста на нивниот производ, иако првичниот исход изгледа многу неизвесен.

 

Текстот е преземен од публикацијата „Новинарството како јавно добро“ на Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници.