Етички размисли за известувањето за КОВИД-19

Откако Светската здравствена организација прогласи пандемија на новиот коронавирус (КОВИД-19), се повеќе новинари од целиот свет беа приморани да известуваат од првата линија на фронтот.

Потеклото и ширењето на вирусот, одговорот на владите и индивидуалците како и реториката поврзана со сите овие настани се единствен пакет на дилеми за новинарите кои пловат во непознатото. Разбирањето на спротивставувањето на етичките размисли е важно за да се претстави урамнотежен, фер и точен извештај за тоа што се случува за време на пандемијата, пишува Сенами Коџа за Меѓународната мрежа на новинари.

Ударна вест за смртта

Кога има можност за ударна вест настаната поради компликации од КОВИД-19, особено кога се работи за позната/јавна личност, новинарите треба да размислат да ја стават возбудата од брзо пуштање на информацијата на страна и да потрошат малку време да проверат во полиција или кај локалните власти дали фамилијата на починатиот била информирана.

Зад податоците, секогаш има вистински луѓе кои ќе бидат погодени од загубата на својот сакан. Новинарите мора да бидат внимателни да не ги навредат чувствата на публиката на која и служат.

„Бројот на жртви е факт, и фактите остануваат столб на новинарството. Верувам дека објавувањето на бројки на починатите треба да биде направено со вистинскиот јазик, кој покажува чувствителност и почит кон човечкиот живот“, вели Ениола Акинкоту, новинар кој известува за КОВИД-19 за најчитаниот весник во Нигерија, „Панч“.

Во текст за етичкиот пристап при известување за смрт, Сал Лалџи, менаџер за односи со јавност во „Самаританс“ ги охрабрубува новинарите да се јават кај фамилиите пред да користат фотографии од социјалните медиуми за нивните стории.

„Кога некоја личност ќе умре, и ако таа е централен дел од извештајот, всушност може да биде прилично вознемирувачки да се видат фотографии земени од социјалните мрежи, бидејќи не секогаш ужалената фамилија би сакала таа личност да биде паметена по тие фотографии“, вели Лалџи.

Почитување на доверливите извори

Новинарите се потпираат на свои извори за насоки и инсајдерски информации до кои на друг начин не би имале пристап. Досега невидената природа на покривање на КОВИД-19 значи дека многу информации доаѓаат од луѓе кои се на првата линија на фронтот со пандемијата. Секој извор треба да биде прашан дали може да биде именувам во сторијата, особено извори кои може да бидат на удар поради објавената информација. Ова ги вклучува медицинските сестри, докторите, свиркачите од болниците и владините институции, незадоволен кадар, извори кои нудат информации за третманот на пациенти и менаџирањето и луѓе со сознанија за прикривање на бројката на починати или стапка на заразеност.

Новинарите никога не треба да претпоставуваат дека нивните извори сакаат да бидат цитирани со име и презиме. Барањето дозвола за цитирање е од голема важност, како и тоа нивната дозвола јасно да биде објаснета во текстот.

Исто така, многу е важно изворите да не може да бидат идентификувани од контекстот.

Упатството за вести“ нуди интересен пример:

„Секретарот на премиерот можеби во доверба или неофицијално ви дал тајна информација. Ако во текстот деталите ги поврзете со „извор од кабинетот на премиерот“, ризикувате разоткривање на изворот, особено ако во кабинетот има еден или двајца луѓе. Можеби би било подобро информацијата да ја поврзете со „извори од Владата“. Мора да има рамнотежа помеѓу потребата да покажете дека вашите извори се блиски до центарот на информацијата (и со тоа веродостојни) и потребата за заштита на идентитетот на изворот од доверба“.

Задржување на довербата на вашите извори е важна ако сакате да ви веруваат за уште информации во иднина.

Потврдување на податоците

Можат ли вашите податоци да бидат потврдени? Ова е најважност прашање за новинарите кои користат податоци за време на пандемијата со КОВИД-19. Море од податоци доаѓаат од различни земји и организации за време на пандемијата кои покажуваат бројки на починати, алоцирани финансиски средства за медицинска опрема и генерално за влијанието на вирусот врз животот.

Но, податоците може да бидат грешни, погрешно претставени, да им недостасува контекст, па дури и да бидат измислени, затоа новинарите мора да пристапат кон детална потврда и истражување.

Џоел Селаникио, поранешен истражувач за „Центарот за контрола на заразни болести“ во текст за визуелизацијата на податоци за коронавирусот покажува како мапи користени од Си-Ен-Ен и Њујорк тајмс за „следење на епидемијата“ може да ги изместат податоците.

Поради дизајнот на една од мапите, изгледаше како целата територија на Кина да била зафатена од вирусот во почетокот на февруари, но тогаш имаше само 35.000 случаи на популација од 1,4 милијарди луѓе, што значи дека биле опфатени само 0,002 проценти од жителите на Кина. Во друг пример, на мапа на Си-Ен-Ен која го покажува глобалното ширење на вирусот, Северна Америка, Европа, Австралија и Русија, заедно со Кина имаат голем број на заразени. Но, кога мапата беше објавена, во САД имаше само 12 случаи од популација од 330 милиони жители.

Користењето на кумулативен број на случаи кога се известува може да биде корисно во споредба на пандемијата со КОВИД-19 со епидемијата како САРС, но не може да се користи во сегашно време затоа што никогаш не запира. Многумина оздравеа, некои починаа, а некои сеуште се лечат, и затоа не може таквите бројки да се користат како тренд.

Новинарите треба да ја прават оваа разлика за да se осигураат дека податоците кои и ги сервираат на нивната публика не се непроменливи и можат да се користат за да се следи пандемијата и нејзиниот напредок во сегашно време без потценување или преценување на влијанието на пандемијата.

Известување за расизам и говор на омраза

Откако започна кризата со КОВИД-19 новинарите се соочени со предизвикот да известуваат за говор на омраза и расизам од светски лидери и главни играчи во индустријата. Во САД на пример, Претседателот Доналд Трамо отворено и постојано се осврнува на КОВИД-19 како „кинески вирус“, потпалувајќи стравови за расистички мотивирани напади од омраза.

Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека тој бил цел на расистички коментари и смртни закани со месеци поради неговата работа на мониторирање на глобалниот одговор на пандемијата.

Медиумите се помалку свесни или можеби повеќе збунети за нивната одговорност при покривање на создавачи на вести кои заговараат нетолеранција. Ова делумно е поради тоа што проблемите се сложени и на нив не може да се применуваат едноставни етички формули. Најдобрите примери значат информирање на општеството за поттикнувачите на омразата, но без да се претерува за нивната важност и да не се распространуваат некритички нивните погледи.

Според „Мрежата за етичко новинарство“, тешко е да се погоди вистинската рамнотежа.

Говорот на омраза никогаш не смее да биде славен во насловите, за оние што го искажуваат да не добијат признание. Известување за реакциите на говорот на омраза може да биде подобар начин за кажување на сторијата, вели Акинкоту, репортер за „Панч“ од Нигерија, кој се покажа ефективен во известувањето за говор на омраза.

Известувањето за КОВИД-19 мора да се прави со најголема почит и чувствителност за човечките животи, особено во ова време на огромна неизвесност.

 

Текстот е преземен од публикацијата „Новинарството како јавно добро“ на Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници.