Цензурата е веќе добро познат термин, а нејзиното присуство во онлајн светот многумина го запознаа преку контроверзната Кина. Најновиот извештај на Фридом Хаус, „Слободата на Интернетот 2019“ покажува дека четврта година по ред Кина останува земја што најмногу ја злоупотребува слободата на Интернетoт преку широко распространетата цензура, со повеќе од 100 новинари и блогери во притвор. Извештајот исто така покажува дека слободата на Интернетот низ целиот свет се намалува веќе деветта година по ред и дека над 3,8 милијарди луѓе во светот имаат пристап до него. Авторите на извештајот наведуваат дека 71 процент од тој број живеат во земји каде поединци се апсат поради објавување политичка, социјална или верска содржина на социјалните мрежи, а околу 65 проценти од луѓето живеат во земји каде што поединците се нападнати, па дури и убиени за своите активности на мрежите.
Насилството врз новинарите – најжестока форма на цензура
Во овогодинешниот извештај, подготвен од партнерските организации на Платформата на Советот на Европа за подобрување на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите, се вели дека кон крајот на 2019 година „Најмалку 105 новинари биле затворени во Турција, Азебејџан, Русија, и украинската територија на Крим под руска контрола.„ и двајца новинари во земјите членки на Советот на Европа беа убиени истата година. И покрај тоа што во извештајот се критикуваат Русија, Азербејџан, Малта, Србија, Бугарија и Турција, ниту Франција не е поштедена заради случајот „жолтите елеци“, посочува Платформата. Државното присвојување на медиумите од страна на државата (и компаниите, оп.а.), мешањето, планираните хакерски напади, затворањето на критичките медиуми и интернет порталите, судското и административно вознемирување на новинарите, како и одредени закони против лажни вести се исто така видови на цензура, се вели во извештајот.
Најнови примери на цензура на социјалните медиуми
Понатаму, најмалку 46 проценти од луѓето во светот живеат во земји каде владите исклучуваат мобилни или интернет мрежи, честопати од политички причини. Access Now, групата за застапување посветена на бесплатниот и отворен интернет, посочува дека исклучувањето на Интернетот скокна од 75 во 2016 година на 196 во 2018 година. Исто така, во најмалку 40 од 65 земји, официјалните власти воведоа напредни програми за надзор на социјалните медиуми. Од друга страна, турската претседателска канцеларија објави „Советник за користење на социјалните медиуми“ којшто на 161 страница објаснува како „правилно, здраво и безбедно“ да се користат социјалните мрежи како Инстаграм, Твитер и Фејсбук. Исто така, Ју Тјуб започна со цензурирање на постовите поврзани со коронавирусот на почетокот на пандемијата затоа што беа објавени многу информации коишто не беа потврдени, и во своите алгоритми Ју Тјуб исто така го намалува опсегот на видео содржини поврзани со криптовалутите.
Твитер, Фејсбук и Инстаграм неодамна ја блокираа видео објавата од реизборната кампања на Доналд Трамп во кој беше вклучен Џорџ Флојд, а непосредно пред тоа Твитер објави нова „fast-checking“ oпција којашто предупредува за точноста на објавените твитови. Со оглед на тоа дека се применуваше на објавите на Трамп, кои ги опиша како несигурни, Трамп побара на компаниите како Фејсбук и Твитер да им биде укината заштитата од она што корисниците го пишуваат на своите платформи објаснувајќи дека „кога Твитер означува објава како ‘дезинформација’, тој престанува да биде платформа и ефикасно станува уредник со став“.
Сензура – внесување на безначајна содржина
И кога хрватскиот поет, есеист, прозаист и уредник Дражен Катунариќ зборува за цензура и сензура, тој наведува дека цензурата подразбира бришење, премолчување, скратување и исфрлување на непожелна идеолошка содржина, но објаснува дека ваквите текстови сè уште имаат некое значење, важност и тежина, додека сензурата го одзема и уништува значењето, и го става на речиси примарен рефлексивен начин за регистрирање на слики и зборови, и со тоа ги лишува луѓето од какво било критичко значење и смисла. „Мислата мора да се разбуди за да биде мисла, а сензурата ја умртвува, ја анестетизира. Тоа нè става во состојба на пасивност и ја зафаќа и окупира нашата свест со безначајности во онаа мерка што престануваме да размислуваме, препуштајќи се на низата медиумски слики што ни се нудат “, истакнува Катунариќ. Исто како Тик Ток, апликацијата која го одржува просечниот корисник во апликацијата со континуирано производство на кратки видеа до 52 минути на ден.
Не е непознато дека во денешните медиуми, особено онлајн медиумите, доминираат лесната забавна содржина, лажните вести, „клик-бејт“ насловите и ирелевантните содржини, затоа што насекаде во интернет-околината, дури и во сериозните медиуми, наидуваме на написи и текстови за Инстаграм и слични неважни теми и луѓе кои сè повеќе го задушуваат медиумскиот простор. Хрватскиот независен пратеник во парламентот и професор по филозофија Марко Вучетиќ ја дефинираше сензурата како „внесување на безначајна содржина “. Иако можеби се чини дека сензурата е форма на забава и разонода, која им е потребна на луѓето во ова време невреме кога се соочуваме со смртоносната пандемија, глобалниот економски пад и изборната година, таа е всушност опасна затоа што го одвлекува вниманието на луѓето од вистинските и важните вести, правејќи ги лековерни и многу поподложни на посакуваното влијание. Тешко е да се утврди што е полошо цензурата или сензурата, но едно е сигурно – ниту една не ветува светла колективна иднина.
Автор: Тина Хруби, м-р по комуникологија
Тина Хруби има магистерски студии по комуникологија кои ги завршила на Факултетот за хрватски студии во Загреб – на смерот за односи со јавноста. Таа ги завршила своите постдипломски студии на универзитетот во Вилнус во Литванија и Националниот универзитет „Сун Јат-Сен“ во Тајван преку размена на студенти. Од 2013 година, таа е активен член на Друштвото за комуникацијска и медиумска култура, а како дел од проектот Mind Over Media, го креирала првиот пропаганден наставен план наменет за едукација на мигранти и баратели на азил. Во моментот е вработена во Друштвото за комуникацијска и медиумска култура како координатор на проектните активности и заменик раководител на канцеларијата.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.
Leave a Reply