Како медиумите ги објективизираат лицата со попреченост?

Претставувањето на лицата со попреченост во медиумите е сѐ уште маргинално, а и кога има некаква репрезентација таа е честопати проблематична, а некогаш дури и наштетува на самата заедница. Пред речиси еден месец во кампањите на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори најчестата медиумска слика се засноваше на лица со типичен развој коишто гледаат напред кон иднината. Според тоа, се чини дека иднината не е инклузивна.

Кога лицата со попреченост ќе бидат еднакво претставени на медиумскиот релјеф без предумислена политичка калкулација, туку само поради фактот што и во суштина тие се граѓани што заслужуваат исти права како и сите други, дури тогаш оваа заедница ќе може да се поистоветува дека определени заложби на политичките партии се однесуваат и за нив, но и дека останатите граѓани ќе бидат доволно сензибилизирани дека станува збор за широко присутна заедница.

Медиумите и идентитетот на лицата со попреченост

Кога во медумите изостанува претставувањето на лицата со попреченост тоа е многу тесно поврзано со прашањата на идентитетот кај оваа заедница. Поконкретно, доколку дете со попреченост расте во конзервативна и неотворена средина, како што и најчесто се случува во нашата држава и истото тоа дете гледа дека сличните луѓе како него ги нема во едукативните медиумски формати или во филмовите, тогаш несомнено се отвораат многу комплексни прашања кај оваа заедница поврзани со идентитетот. Доколку во медиумите не може да видите човек сличен на себе, макар ставен во улога во некој филм каде што тоа лице се социјализира со своето друштво на училиште, понатаму во животот заработува самостојно, живее самостојно или носи поважна функција во општеството, тогаш многу е веројатно дека тоа ќе ги допре најчувствителните делови на вашиот идентитет како лице со попреченост, поврзани со срамот, неприфаќањето и исклучувањето.

Медиумите се и платформа за охрабрување и градење на инклузивноста. Медиумскиот простор треба да е инклузивен бидејќи како таков не само што ќе ги поттикне лицата со попреченост да се ослободат од срамот, да се поистоветуваат со позитивни примери и со луѓе слични на себе, туку ќе придонесе и останатите граѓани со типичен развој да почнат да ги перцепираат сограѓаните со попреченост како блиски до себе и како дел од своето опкружување.

Објективизација на лицата со попреченост во медиумите

Во медиумите постои растечка тенденција способностите на лицата со попреченост да се претставуваат на емотивен и сентиментален начин. Поради тоа што е невообичаено пошироката публика да види дека припадниците на оваа заедница навистина можат многу – да бидат интелектуалци, да танцуваат, да се занимаваат со градинарство или аплинизам, информациите може да се емотивни.

Сепак, постои опасност и во ваквиот начин на известување. Активистката за правата на лицата со попреченост и новинарка Стела Јонг го воведе терминот „инспиративно порно“ кога приказните и искуствата на лицата со попреченост се користат тенденциозно со намера мнозинството граѓани со типичен развој да се утешат себеси и слушајќи ја приказната на лицето со попреченост, да си речат – колку и да е страшен мојот живот, сепак има и пострашно! Ова, според Јонг, претставува начин на објективизација на лицата со попреченост. Терминот „инспиративно порно“ се употребува меѓудругото кога и во медиумите се прави извесна објективизација на лицата со попреченост. На пример, фотографии од лица со попреченост придружени со определени мотивациски пораки може да се таков пример за инспиративно порно бидејќи лицата со попреченост и нивните дијагнози се користат само низ призмата за да задоволат и инспирираат извесна мнозинска група, а во случајот тоа се лицата со типичен развој.

Со цел да се избегне медиумска објективизација на лицата со попреченост потребно е медиумските професионалци да бидат постојано едуцирани и сензибилизирани за како да пристапуваат кон известувањето за оваа заедница. Тоа најдобро ќе се постигне доколку и лицата со попреченост се постојано прашувани и се проверува со нив која терминологија и репрезентација на нив најмногу им одговара и како навистина тие сакаат да бидат претставени во медиумите. Исто како и пошироко во општеството кога инклузијата на лицата со попреченост почнува во оној момент кога самите лица ќе бидат поканети да учествуваат во дискусиите за политики коишто ги засегаат нив, така и медиумите постојано треба да ги вклучуваат овие лица во градењето на своите политики и медиумски агенди.

 

Автор: Ангел Димитриевски

Ангел Димитриевски е магистер по медиумска едукација при програмата за медиумска едукација на Универзитетот Тампере во Финска. Ангел работи како младински работник во Здружението за едукативен развој „Еквалис“ на младински програми со фокус на медиумите, врсничкото насилство, родовата еднаквост и сексуалноста. Истовремено, Ангел е лице со епилепсија и поборник за правата на лицата со попреченост.

Фотографијата е превземена од dylanwertgraphics.wordpress.com

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.