Како вашите ученици да ги подобрат вештините за онлајн пребарување и истражување

Она што прво треба да им го кажете на учениците е „Не верувајте во сѐ што ќе прочитате на Интернет“. Оваа ера на лажни вести, постојано нѐ потсетува дека интернетот е полн со неверодостојни и неточни информации. Потребни се вештини за да се открие која информација е точна.

Пребарувањето и онлајн истражувањето се важни вештини кои денешните ученици треба да ги стекнат за време на своето образование. Посебно денес, во ерата на лажните вести, треба да научат да ги разликуваат вистинските од лажните информации. Сакате вашите ученици да одат онлајн за да изработат некаков проект, есеј или презентација. Учениците денес се многу вешти со тастатурата и нивните мобилни телефони, но дали се вешти онлајн истражувачи? Дали информациите кои ги пронаоѓаат, се оние кои навистина им се потребни? Дали првиот, а понекогаш и единствениот веб сајт што го посетуваат е Википедија? Ако е така, следниве совети ќе ви покажат како да им помогнете на учениците да станат вешти во онлјан пребарувањето и истражувањето.

Разјаснете кои информации ви се потребни

Учениците прво треба да видат кои информации им се потребни за истражувањето. На тој начин ќе ги утврдат клучните зборови и фрази кои ќе ги употребат кога ќе пребаруваат на интернет. Најдобро е преку дискусија на часот да утврдите кои ќе бидат клучните зборови со кои ќе се пребарува.

Пребарувајте

Иако изгледа едноставно, учениците сепак треба да го знаат квалитетот на нивните клучни зборови за да го оценат и квалитетот на пронајдените информации. Интернетот е скоро неисцрпен извор на информации. Пребарувачите се алатка за филтрирање на тие информации се додека на ја добиеме баш таа информација која ни е потребна. Вашите ученици најверојатно ќе го користат Google како пребарувач, па еве неколку совети како да им помогнете подобро да пребаруваат:

  • Користете едноставни термини за пребарување. На пример: Учениците треба да пронајдат кога и каде е роден Кочо Рацин. Кога изучуваме начасовите по информатика како се пребарува забележувам на првиот час дека кога ќе им ја дадам оваа задача учениците во Search пишуваат- Кога е роден Кочо Рацин? Но, Google не одговара на прашања така. Тој ги поврзува клучните зборови со веб сајтови. Па наместо тоа треба да се напише: биографија на Кочо Рацин. Понатаму на пример, не се пишува ме боли главата, туку ќе напишете главоболка бидејќи тој збор ќе биде употребен во написите на интернет и полесно Google ќе го пронајде тоа што го барате.
  • Ако првичните резултати не се тоа што го барате, променете ги клучните зборови
  • Користете наводници. На тој начин Google ќе ја пребарува целата фраза, а не само појавувањата на одделните зборови. Тука како пример ќе го искористиме пребарувањето за Кочо Рацин. Кога ќе напишеме биографија на Кочо Рацин google ќе пребарува низ сајтовите појавување на сите овие зборови без врска на редоследот и ќе пронајде сајтови кои го содржат само еден од овие зборови. Затоа ќе најде сајтови со биографија, но нема да биде на Кочо Рацин, потоа ќе најде сајтови кои содржат Кочо Рацин, но ќе бидат на библиотеки или училиште со тоа име. Затоа фразата се поставува во наводници “биографија на Кочо Рацинпа google ќе ги пронајде сајтовите кои ги содржат сите овие зборови и во тој редослед.
  • Поради недостатокот на образовни сајтови и информации на македонски јазик најпрво вие истражете. Проверете дали на интернет постојат информации на македонски јазик за областа на која работите. Може учениците да влезат во слепа улица и да не можат да пронајдат соодветни информации. Посебно што, колку е постручна темата за која се изработува проектот, толку потешко ќе им биде на учениците да ги разберат информациите на англиски јазик. Имајте го тоа на ум. Можеби би било добро да им посочите конкретни веб сајтови па тие да истражуваат од нив. Не сте свесни колку може да се научи од пребарување и читање на само еден сајт.
  • На часовите вежбајте пребарување преку задавање кратки мини задачи. Така најдобро се стекнуваат вештини.

Проверете ја веродостојноста на пронајдените информации

Она што прво треба да им го кажете на учениците е „Не верувајте во сѐ што ќе прочитате на Интернет“. Оваа ера на лажни вести, постојано нѐ потсетува дека интернетот е полн со неверодостојни и неточни информации. Потребни се вештини за да се открие која информација е точна.

Постојат неколку стратегии кои може да ги споделите со учениците:

  • Проверете го доменот. Домените .com и .org се отворени. Секој може да регистрира таков домен. Домените пак .gov или .edu не се отворени за сите. Треба дополнителна верификација дека организацијата која го регистрира овој домен е навистина образовна или владина.
  • Од учениците секогаш барајте да јa верификуваат пронајдената информација на 3 различни сајтови пред да ја потврдат како точна.
  • Проверете кој е автор на информацијата. Колку е тој стручен да ја даде таа информација.
  • Објаснете им на учениците како се креираат написите на Википедија. Да не се потпрат на неа како единствен извор на информации.

Мини лекција: За да им објасните на учениците дека не се што ќе прочитаат на интернет е точно може да ги искористите следните „лажни веб сајтови“ кои се креирани само со едукативна цел.

Pacific Northwest Tree Octopus е веб сајт креиран 1998 година од Лајл Запато кој зборува за загрозениот вид октопод кој може да живее и надвор од водата на Полуостровот Олимпик на западниот брег на Северна Америка. Сајтот е на англиски јазик, ама сепак може да се искористи за оваа цел. Нека учениците се обидат да ги потврдат информациите најдени овде на три различни сајта.

Друг таков сајт е All About Explorers, веб сајт на кој може да се пребарува за разни истражувачи, дури има и предлог лекции. Но сите биографии на сајтот се лажни.

Не копирај – прераскажи или цитирај

После долго пребарување вашите ученици конечно дојдоа до потребните и вистинските информации. Што понатаму?

Најчестиот начин на учениците за изработка на проект е копирање и вметнување во слајдовите на преземениот текст, ставање по некоја слика. Сето тоа без подлабоко да навлезат во суштината на темата, но и без да ги почитуваат авторските права.

Разговарајте со вашите ученици. Објаснете им ги поимите плагијаторство и авторски права.

  • Учениците треба да знаат дека плагијаторството е преземање туѓ интелектуален труд и претставување како свој;
  • Покажете им дека може да се искористат информации од разни извори, но треба да се наведат изворот и авторот,
  • Научете ги да ги прераскажуваат пронајдените информации со свои зборови, да парафразираат, да сумираат, а не само да цитираат.

Пребарувањето и онлајн истражувањето се важни вештини кои денешните ученици треба да ги стекнат за време на своето образование. Посебно денес, во ерата на лажните вести, треба да научат да ги разликуваат вистинските од лажните информации. И на крајот да научат да го почитуваат туѓиот интелектуален труд и да креираат свои оригинални содржини.

 

Автор: Ѓорѓина Димова, наставничка по информатика

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.