Институтот за комуникациски студии (ИКС) трета година по ред ја организира Неделата против лажните вести. И годинава ќе информираме, едуцираме, дискутираме како да се бориме против лажните вести и дезинформациите преку обуки, вебинари, дискусии, видеа, блогови и различни едукативни ресурси. Целта на Неделата против лажните вести е да се поттикне критичкото размислување и да им се понудат алатки на граѓаните со кои ќе можат полесно ќе ги препознаат и да се заштитат од лажните вести, манипулациите и дезинформациите.
Во рамките на Неделата против лажните вести ИКС ќе организираат три онлајн обуки, два вебинара и панел дискусија на тема „Дали ни е потребна медиумска диета“, а ќе се објават и нови сведоштва од серијалот „И новинарите грешат“.
Оваа година Неделата против лажните вести со дел од активностите се приклучува кон Деновите на медиумска писменост кои ги организира Мрежата за медиумска писменост.
Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.