Ќе остане ли македонската „седма сила“ без наследници?

Милена Атанасоска Манасиева
Теодора Цветковска

Намалениот интерес за студирање новинарство, ниските плати во медиумската сфера, изгубената верба кај младите дека новинарството е почитувана професија, како и општата слика дека голем дел од медиумите повеќе им слугуваат на центрите на моќ отколку на јавниот интерес, со право не доведува до ситуација да се запрашаме дали македонската новинарска фела ќе остане без квалитетни наследници? Студиите по новинарство се речиси пред изумирање. Некаде со добри услови за пракса, но без студенти, некаде со минимален број, но без услови за пракса и програми што ги следат современите трендови во новинарството… Сликата е секаде иста – мал број на немотивирани луѓе што во иднина треба да ја работат една од најтешките професии – новинарството. Ова се само дел од заклучоците од анализата, преставена на дебатата организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници(ССНМ), во рамки на ЕУ проектот – „Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажни вести“.

Студиите по новинарство во сериозна криза

Според податоците на Министерството за образование и наука на трите државни универзитети, оваа година се запишале само 26 студенти по новинарство. Пред шест години сме имале 59. Трендот на намалување на интересот за упис на студиите во Скопје, Штип и Тетово е ист во последните 15 години. Ако се земат во предвид бројките од над 100 запишани студенти, само на Правниот факултет „Јустинијан Први“ пред речиси две децении, денешните бројки се поразителни.
Покрај на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ при УКИМ, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на Тетовскиот универзитет, новинарство може да се учи и на Универзитетот „Мајка Тереза“. Тука студентите учат општи предмети до втора година, а потоа одлучуваат дали ќе продолжат на студии по комуникација или новинарство. Досега никој не избрал да студира новинарство.

„Се надеваме дека некој од последните две генерации ќе се одлучи за новинарство. Инаку, кога ги прашувам зошто не сакаат да учат за новинари ми кажуваат дека медиумите не се слободни, дека се контролирани од политичките партии, а тие сакаат слободно да работат. Од друга страна пак, кога ги прашувам каде сакаат да работат, кажуваат државна администрациј“,  вели професорот Агрон Куртиши.

Инаку, Куртиши исто така ни објасни дека имаат добри услови за практична настава, имаат свое радио, свое списание, студио со опрема за монтажа на ТВ прилози. Вели дека во план им е да отворат и веб страница, да направат и мултимедијален медиум за да ги привлечат младите да студираат новинарство.

Зошто младите не сакаат да учат новинарство?

Нашата анализа покажа дека младите не сакаат кариера во новинарството бидејќи ова не е атрактивна професија, новинарите се слабо платени, а општиот впечаток во јавноста дека медиумите не работат во корист на јавниот интерес. Сето ова само ја засилува одлуката да ги избегнат овие студии. Голем дел од студентите се откажуваат од студиите и за време на студирањето. Ова значи дека и од малкуте запишани, на крај на студиите дипломираат уште помалку млади новинари.

Студент на мастер на „Јустинијан Први“ ни изјави дека многумина од студентите кога ќе слушнат насока – новинарство, очекуваат да поминат полесно, им звучи наивно.

„Од моите искуства и импресии од колегите заклучив дека повеќето се таму бидејќи не знаеле каде да отидат, а морале да запишат факултет за да одат нагоре во општеството, очекувале наивни и сувопарни студии, без вложување на многу труд и волја“, вели тој.

Негов колега од истиот факултет, пак смета дека интересот за студирање новинарство го нема затоа што платите се прениски во фелата, исполитизираноста на медиумите и лошите примери од „професионалците“.

„Недостигот за интерес за упис го гледам во несоодветното мислење кое пробува да биде наметнато од страна на факултетот дека секој може да биде новинар. Исто така го гледам и во лошата програма за новинарите. Повеќето изборни предмети на листата се за новинарство. Ова е голем пропуст со оглед на тоа што сметам дека тие би требало да се задолжителни, а не опција“, ни одговори студент во трета година од Правниот факултет во Скопје.

Игор Стојанов, вработен во УГД, задолжен за практичната работа со студентите, на дебатата кажа дека бројот на студенти во Штип е уште помал бидејќи не се активни сите запишани. Тој рече дека универзитетот многу инвестирал во студиите, има радио, тв студио, веб-страница, студентски весник, како и центар за односи со јавност. Но, и покрај сето ова, бележат драстичен пад на бројот на запишани.

„Има повеќе причини за ова. Прв контакт на младите со оваа професија се самите медиуми. Тие се публиката. Едноставно гледаат во каква непрофесионална средина би работеле во иднина ако се занимаваат со новинарство. Тоа е една од работите што ги одбива. Второ е недостатокот на медиумски куќи во Источна Македонија, бидејќи ние главно запишуваме студенти од овој дел. Се разбира тука се и малите плати на новинарите, особено во нашиот регион“, рече Стојанов.

Тој исто така истакна дека факултетите мора да поработат и на својот кадар, особено да ангажираат професионални новинари.

„Ние немеме академска новинарска фела, која што постои во другите дејности“, вели Стојанов.

Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии, пак смета дека иако има многу причини за ваквата состојба, ако поедноставиме, тоа се условите во професијата.

„Таа не е платена, не може да имате кариера каде нема да бидете добро платени, новинарите не се заштитени, за жал новинарството во нашата држава не е доволно ценето, има распространет клиентелизам и политичка поврзаност, некогаш тоа слугува на центрите на моќ… многу причини. Одблесоците на професионалното новинарство кое работи во јавен интерес и во име на граѓаните е невидливо за младите луѓе и ова сега е резултатот,“ вели Трајкоска.

Јасна Бачовска-Недиќ, професорка на Правниот факултет која им предава на студентите по новинарство смета дека намалувањето на интересот за студирање на новинарство е тенденција која трае повеќе од две и пол децении. Тоа, според неа не е нова појава, ако во 1977 имало 125 заинтресирани, оваа учебна година биле заинтересирани само 10-15.

„На оваа ситуација секако дека како фактори влијаат прво, новите медиуми и нивното влијание врз традиционалното новинарство. Денес секој може да си направи свој медиум (блог, профил, портал) и да пишува што сака и како сака. Второ, состојбата со медиумскиот систем, во кој медиумите се инструментализираат од политичките елити, па новинарите ја губат својата изворна функција да се чувари на демократијата и стануваат послушници. Трето, малите плати на новинарите или големата нееднаквост во примањата“, вели Бачовска -Недиќ.

Не(квалитет) на студии по новинарство

Отсуството на практична настава е главниот недостаток на студиите по новинарство. На студентите им пречи и тоа што стручните предмети се изборни, а не задолжителни. Дел ни одговорија дека со овој начин на студирање не можат да ги усовршат новинарските техники. Студентите и новинарите и експертите што се вклучија во анализата сметаат дека е потребно да има посебен Факултет по новинарство, а не студиите да бидат студиска програма на други факултети.

„Од студиите по новинарство сум релативно незадоволен од причина што истите нудат мала можност за пракса. Покрај тоа, сметам дека програмата не е соодветна за креирање на еден солиден новинар со принципи и работна етика. Преголем дел од предметите се фокусирани на останатите аспекти од факултетот (пр. право, економија и политика), а многу малку на тоа како да се биде новинар“, вели студент по новинарство од Правниот факултет во Скопје.

Славчо Миленковски од Македонскиот институт за медиуми, кој организира многу обуки за младите новинари и за студентите по новинарство смета дека клучен недостаток на студиите по новинарство на државните факултети е отсуството на практична настава во текот на студиите. Пракса која би била организирана и интегрирана во рамки на наставната програма во текот на студиите.

„Само вака студентите ќе може искуствено да ја осознаат новинарската професија и да се пронајдат себеси во одредени рубрики или пак видови на медиуми – радио, телевизија, печатени медиуми, или, пак онлајн медиуми“, вели тој.

Сефер Селими од невладината „Демокраси Лаб“ која исто така организира обуки за новинари смета дека катедрите по новинарство на јавните универзитети сѐ уште се базираат на програми кои не одговараат на денешните предизвици.

„За разлика од нашите, сериозните универзитети во ЕУ и САД овозможуваат лаборатории, опрема, пракса, па дури и сопствени медиуми каде студентите можаат вистински да учат и практикуваат новинарство. Дигиталната трансформација не го смени само начинот на живот, туку и начинот на комуникација помеѓу луѓето, а токму новинарите треба да бидат оние кои ќе и претходат на оваа трансформација. За жал, досега тоа не го гледаме во традиционалниоте студии и затоа бројот на студенти во секоја генерација опаѓа“, вели Селими.

Партнери во оваа програма на „Демокраси Лаб“ е и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА). Во моментов тие имаат две други активни програми за менторство и пракса за млади новинари – Програмата за жени новинарки, како и Програма за менторство на млади новинари. Новинарите работат на текстови кои се објавуваат на пина.мк и добиваат менторски процес и пракса за новинарска работа.

Прашавме на дел од факултетите како планираат да се справат со недостигот на студенти, да ги афирмираат студиите и да ја искоментираат критиката во однос на квалитетот на студиите.

Професорката Јасна Бачовска- Недиќ ни објасни дека студиите по новинарство кај нас се традиционално теоретски поставени, со цел интелектуализација на новинарот. Таа признава дека недостасува практична настава, но според нивната инернет статистика тие уште во студентски денови работат по разни медиуми.

„Ние сме јавен универзитет, а државата многу малку инвестира во наука и високо образование и оваа состојба е во директна корелација со овој факт. Факултетот постојано ги прилагодува наставните програми, сега според Европскиот кредит транфер систем, но немаме средства за сопствено студио, камери и фотографија“, објаснува Бачовска-Недиќ.

Таа посочи дека имаат соработка со невладините организации кои постојано прават обуки за студентите, но понекогаш и студентите се апатични и незинтересирани за многу понуди, што, според неа е навистина чудно.

Новинарската работа ќе ја работи „кој било“

Фактот што нема интерес за студирање на новинарство секако е голем пораз за целата фела. Нашата анализа покажа дека последиците од овој пораз се далекусежни и комплексни. Кога нема професионалци, коишто се адекватно образувани, тогаш новинарството сѐ повеќе ќе се третира како професија со којашто може да се занимава кој било.

„Практикувањето на новинарството од кој било, пак носи директна штета на јавниот интерес, оти ретко кога тој “кој било“ умее да ја стави својата новинарска мисија во калап согласно Кодексот на новинари, стандардите и јавниот интерес како клучен. Медиумите нема да исчезнат, паралелно со намалувањето на бројот на заинтересирани млади кои професионално би се обучиле за да бидат новинари, не паѓа и бројот на медиуми – напротив. Тоа значи дека медиумите ќе се полнат со луѓе кои немаат соодветни професионални квалификации“, вели новинарката Катерина Синадиновска, од Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Според неа, сето ова е навистина голем проблем и силен удар врз правото на граѓаните да добијат вистинска и квалитетна информација.

„Со ваквиот тренд само ќе се засилуваат дезинформациите, полуинформациите, сензационализмот, говорот на омраза и неодговорното известување. Професионалното новинарство е на удар, исто како и граѓаните, а и целиот јавен наратив и целата медиумска сцена воопшто“, вели Синадиновска.

За да се врати желбата за студирање новинарство, потребно е да се поправат условите во кои работат новинарите.
„Желбата на младите ќе почне да се враќа кога ќе видат дека има вистински реформи во професионалното новинарство. Дотогаш може да се надеваме дека се уште има млади луѓе кои имаат идеали за да трагаат по вистината и ќе се борат секогаш за правото јавноста да знае“, ни изјави Жанета Трајковска.

Неформалното образование ги исполнува празнините на формалното

На ниту еден приватен факултет не постои програма за изучување на новинарската професија. Македонскиот институт за медиуми (МИМ) запишуваше студенти до пред 4 години, но престанале заради намалениот интерес за студирање.
Затоа всушност и се префрлиле во ИКС и основале научноистражувачки институт што нуди магистерски студии.

Добро е што во земјава многу невладини организации кои што нудат обуки за новинари. И студентите со кои разговаравме ни кажаа дека посетуваат обуки кои им помагаат да добијат практично знаење.

Од невладините кои се занимаваат со обуки, велат дека неформалното образование има исклучително значајна улога во професионалното усовршување на младите новинари и на студентите по новинарство.

„Предноста на неформалното образование е тоа што наставните програми се многу пофлексибилни и поотворени кон нови знаења и вештини и постојано ги следат трендовите во современото новинарство, а особено трендовите што ги наметнуваат дигиталните технологии“, вели Миленковски.

Но, исто така потенцираат дека неформалното образование може да биде ад-хок решение за да се исполнат празнините на формалното, но на долг рок тие не се одржливи.

Како е да се биде млад новинар во Македонија?

„Се чувствував како паднат од Марс“ – вака еден млад новинар го опиша своето исуство кога прв пат по дипломирањето почнал да работи во редакција. Младите новинари се жалат дека факултетот не ги спрема за она што ги чека на терен, но и дека не постои вистинско менторство во редакциите. Анализа на ССНМ покажува дека една третина од вработените во редакциите се луѓе до 30 години – и тука најзастапени се оние кои имаат 25 години.

Просечната возраст на новинар во Македонија е 34 години, или медиумски работник кој зад себе има 10 години кариера во новинарството. Дури и помеѓу помладите, бројот на жени е поголем во однос на мажите , или 77 наспроти 73 . Сепак меѓу младите новинари кои одговориле на анкетата на синдикатот меѓу нив само една новинарка е уредничка.

Статистиката покажуваа и дека просечната плата на младите новинари е од 15.000 до 20.000 денари што е уште една работа што ги демотивира и одвратува од ова професија,  па неретко новинарството е само мост кој ги носи до пи –ар професијата и во државниот или приватниот сектор. Уште една работа на која укажаа младите новинари во нашата анализа е и тоа што, дел од медиумите не се транспарентни кога станува збор за огласи, избор и селекција на нови кадри.

„Новинарството е професија во која постојано се учи и надоградува, сметам дека овде нема простор ниту потреба да се биде суетен. Меѓутоа од искуството на моите колеги од факултет и други помлади колеги, знам дека често голем дел од нив не се добро прифатени на нивните први работни места, токму поради тоа што им недостасува искуство или пракса. Честопати тие се пуштени сами на себе да се снаоѓаат и од тие причини тие се откажуваат од професијата“, вели новинарката Љубица Ивановска која работи во Фактор.мк.

Мора да се покаже пркос

Од друга страна во рамки на дебатата се разви дискусија и во насока на тоа какви се можностите за развој на кариерите кај младите новинари, но и дека слободата никој не може да им ја даде, туку треба самите да ја земат.

„Тие ставови дека станува збор за ниски плати, тоа е факт, но мора многу да се вложи во новинарството за да се заработи. Не сакам младите колеги да го доживуваат тоа така, времињата се менуваат и треба да се менуваат, млад новинар не треба да се надева на високи примања, треба да се докаже за да си ја заработи повисоката плата“, рече Стојан Трпчевски, уредник на информативната програма во МРТВ.

Трпчевски потенцираше дека новинарите се тие кои треба да влезат во медиумите и да ги ослободат, а не да се очекува дека ќе има слободни медиуми, иако како што вели, се согласува дека има многу „залутани колеги“.

„Мора да се покаже пркос. Општеството удирало и ќе удира по медиумите, секој во својата кариера се соочил со притисоци. Професијата е убава, благородна и тешка, апелирам на истрајност“, рече Трпчевски.

Анализата е производ од дебатата на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер во време на Ковид-19“, активност од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон, поддржан од Европската Унија.