Како фоторепортери ние мора да разбереме дека шансите ние да бидеме првите кои ќе ги добијат сликите од некоја криза е речиси иста како да освоиш лотарија! Технологијата не е наш пријател кога станува збор за вонредни вести. Првите фотографии од некој важен настан ќе бидат направени од мобилниот телефон сопственост на некој граѓанин. Нашата работа сега е да обезбедиме позадина, контекст и анализи, да истражуваме и да потврдиме дека содржината не е лажна.
Фотографот Мајкл Камбер кој ги покриваше настаните во Ирак и Авганистан, конфликтите во Африка за Њујорк Тајмс, направи изложба во 2015 година насловена „Променети слики: 150 години наместена и манипулирана документарна фотографија“.
Изложбата, избор на добро познати слики кои изменети, наместени или фалсификувани, е обвинение за некои модерни практики и фото-новинари. Во време кога искусните фотографи се заменуваат со новодојденци или необучени „граѓански новинари“, исто така покренува важни прашања за иднината на професијата поради зголемени сомнежи за автентичноста на фотографиите.
Изложбата, која се состои од повеќе од 40 фотографии, содржи некои потемни моменти во историјата на фото-новинарството. Има доволно материјал за да остави многу новинарски организации засрамени: „Нешнал Географик“ за дигитално преместување на египетските пирамиди; Магазинот „Тајм“ за затемнување на кожата на О. Џеј Симпсон; „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“ преместување на дигитално изменети сцени од Блискиот Исток; и „Њујорк тајмс“ за објавување на сценирана фотографија во 2002 година за момче кое држело играчка-пиштол пред арапска продавница за намирници.
На 15 Јануари 2019 година, на неколку стотина метри од мојот дом и канцеларија во Најроби, Кенија, група на Ал Шабаб започна попладневен терористични напад на објект во кој се сместени хотелот Дусит, како и десетици други мулти-национални канцеларии на компании, банки и ресторани. Тие буквално пукаа во најголемата гужва во 15 часот и поминаа 18 часа во комплексот борејќи се против кениските безбедносни сили.
И локалните и странските дописници беа на местото неколку минути откако започнаа експлозиите и престрелките, а многумина влегоа во комплексот и пред, а и со безбедносните сили.
Фоторепортерите кои направија некои од најпознатите графички слики на смртта и уништувањето, беа под огромна критика од страна на кениската јавност за објавување на овие фотографии.
На тапет беа ставени шефот на Бирото и уредник на фотографии од „Њујорк тајмс“. Тие објавија фотографии од изрешетани луѓе врз нивните маси и столици, во ресторанот Сикрет Гарден. Негодувањето беше огромно од страна на многу активната онлајн заедница во Кенија. „Њујорк тајмс“ одлучи да ги одбрани шефот на бирото во Најроби и нивниот уредник и тие не ги повлекоа фотографиите. Сеуште постои кампања на Твитер за депортирање на шефот на бирото од Кенија. Сепак, Мак Лејси, еден од постарите уредници во „Њујорк тајмс“ и поранешен шеф на бирото во Најроби, рече дека овој инцидент ќе ги натера суштински да погледнат во нивните интерни упатства и стандарди за фото-новинарство.
Но, автентичноста на фотографиите никогаш не беше доведена во прашање.
Зборувајќи како фоторепортер кој ги покриваше конфликтите околу африканскиот контитент, мислам дека сликите беа извонредни земено во предвид под колку екстремни услови и висок притисок беа направени. Знам некои од фоторепортерите кои беа во комплексот и ги направија овие фотографии. Да бев јас таму, без двоумење би ги направил истите фотографии.
Негодувањето беше околу етиката на објавување на овие фотографии. Кенијците и Африканците отсекогаш сметале дека сме негативно претставени од страна на меѓународните медиуми и дека постои еден елемент на „расизам“ во начинот на кој се третираат Африканците, наспроти начинот на кои би биле третирани западните земји во истите околности.
„Њујорк тајмс“, или било кој медиум од западот, не објави фотографии од мртви тела од нападите од 11 септември, од бомбашките напади во Лондон и Париз, или од училиштата и јавните престелки кои се случуваат речиси секоја недела во САД. Моето прашање беше зошто толку брзо ги објавија овие фотографии, и зошто тие толку гласно ја бранат својата одлука, кога имаше повеќе од 9.000 твитови со критика кон нив? Дали има разлика помеѓу африкански мртви тела и мртви тела на луѓе од западот?
Јас лично не би се двоумел дали да ги објавам тие фотографии, но исто така не би се двоумел ни дали да објавам фотографии од мртви тела во Њујорк, Лондон или Париз, бидејќи тоа е реалноста на терористички напад. Јас не суерирам дека уредникот на фотографија во „Њујорк тајмс“ свесно помислил дали ја минува етичката линија. Но, знам доволно фото уредници од западните медиуми кои потсвесно би разликувале африканско мртво тело и тело на мртов човек од западот.
Манипулирање со слики
Студентите по фото-новинарство трошат многу повеќе време за учење на фотошоп и за дигитално подобрување на фотографиите, отколку што учат како всушност да направаат добри фотографии.
Во суштина, тие се учат како да „измамат“ во училницата, што е сосема спротивно на секое фундаментално правило кое што сум го учел како фотограф уште од детството!
Колку е важно како фотографот пристигнува до финалната фотографија? Слушнав дека многу фотографи се етикетирани како „измамници“ заради либералната употреба на фотошоп за да се заврши фотографијата. За оние кои гледаат на тој начин, претпоставувам дека прекумерната употреба на фотошоп, ја поништува работата во создавањето на вистинска фотографија и ја пренесува во некоја друга форма на уметност.
Но, колкав е соодносот на манипулирање и подобрување на фотографиите. Етиката е важна, но исто така и естетиката. И да не заборавиме дека се што создаваме како фотографи, како артисти, е толкување на она што го гледаме околу нас. Изборот на камерата, нагодувањата, составот; ние постојано се наметнуваме на еден или на друг начин врз „реалноста“. Во таа смисла, нема апсолутна вистина.
Но, манипулацијата на сликите за да се смени смислата, контекстот и претставата за настанот претставува измама во моите очи. Имам привилегија да гледам низ стотици илјади фотографии од работата на татко ми и она што ме погодува е суровата вистина во секоја фотографија, вистината и објективноста и чесноста што ја прикажува во секоја фотографија што ја направил.
Јас користам фотошоп на неговите фотографии, но само за да исчистам грабнатинки и нечистотии кои се разултат на возраста и несоодветното чување, но никогаш за да го сменам контекстот и значењето.
„Различни новинарски организации имаат различни стандарди и различни натпревари имаат различни стандарди. Ова е дискусија која мора да ја имаме пред да го уништиме целиот кредибилитет на фото-новинарството“, изјави Мајк Камбер.
Текст на Салим Амин за „Мрежата за етичко новинарство“