Автор: Катерина Топалова
„Бидете силни, дајте отпор, заборавете на политичката идеологија и дозволете да работиме заедно како тим за да ја победиме корупцијата.“ Ваква порака до новинарите во Македонија испрати Метју Каруана Галиција, еден од тројцата синови на истражувачката новинарка од Малта, Дафне Каруана Галиција која беше убиена на 16 октомври 2017 година.
Помеѓу две патувања, брз, отсечен и со куси и јасни реченици, првородениот син на познатата Малтешка новинарка, Метју Каруана Галиција ме извести дека може да одговори на прашањата за интервју на Институтот за комуникациски студии. Бесот по убиството на неговата мајка се уште го има во неговиот глас, во одговорите и во неговите новинарски текстови, но сега претворен во борба против корупцијата и мафијата на островот.
Програмерот од Република Малта, од пред две години е целосно посветен на истражувачкото новинарство. Од кобниот 16 октомври 2017, ниту тој ниту неговото семејство немаат мир. Но нема мир ниту владата во Малта на која и се заканува пад по бројните протести против корупцијата и вмешаноста на челници од кабинетот во атентатот на новинарката.
„Малта е во длабока криза. Започна кога корумпираниот Јозеф Мускат го дозволи убиството на мојата мајка. Луѓето продолжуваат да протестираат затоа што никој од нас не може да го толерира фактот дека, и покрај тоа што е одговорен за неконтролирана корупција и спречување на истрагата за убиството, поранешниот началник на канцеларијата на Мускат, Кит Шембри, сè уште е слободен човек“, вели Каруана Галиција. Неговите и претпоставките на повеќето луѓе кои упорно со мирни протести и се противат на актуелната власт се дека со оставката се тактизира.
„Јавното мислење е дека Мускат виси на власт до јануари или февруари за да може да го постави теренот за извинувањето на Шембри“, заклучува тој.
Еден од протестите во Валета пред кабинетот на премиерот
(фотографија на Џереми Дебатиста)
Дафне Каруана Галиција на протестот во Валета против скандалот Панама Пејпрс (фотографија на Јон Борг) |
Која е Дафне Каруана Галиција?
Дафне Каруана Галиција беше новинарка, писателка и активистка за борба против корупцијата во Малта. Во последниот период, таа беше целосно посветена на истражувачкото новинарство, известување за корупција во владата, непотизам, обвинувања за перење пари и организиран криминал. Националната и меѓународната кариера е изградена врз нејзиното редовно известување за злоупотреба од страна на малтешки политичари и политички изложени лица.
Каруана Галиција одби да се откаже од своето известување со децении, и покрај заплашувањата и заканите, клеветите и многубројните тужби. Беше уапсена од полициските сили на Малта во два наврати. Истрагите на новинарката беа објавени на нејзиниот личен блог. Беше редовна колумнистка во „The Sunday Times of Malta“, а подоцна и во „The Malta Independent“. Истражувањето на Каруана Галиција беа доживувани како личен напад врз лицата од власта, што доведуваа до низа правни битки. Во 2016 и 2017 година таа откри контроверзна чувствителна информација во врска со голем број малтешки политичари и скандалот „Panama Papers“.
Семејството смета дека многубројните сопки и целиот притисок од властите кон неа, биле причина новинарите во нивната земја да се откажуваат од истражување и единствено да известуваат за она што таа ќе го докаже.
Дафне Каруана Галиција беше убиена на 16 октомври 2017 година во 53-тата година од нејзиниот живот. Атентатот беше извршен во автомобил-бомба кој експлодира во непосредна близина на семејниот дом. Нејзините тројца синови ја напуштија земјата по нејзиното убиство, но, Метју Каруана Галиција пред околу една година се врати на островот за, како што вели, да ја продолжи борбата за правда за неговата мајка.
„Не може да имаме правда за мајка ми ако нема правда за корупцијата што ја откри. Мора да одговараат за корупција и злоупотреба“ вели за ИКС.
Протест во Лондон за разрешување на случајот на Дафне Каруана Галиција, организиран од “Pen international”
(од семејната архива)
„Само здружени можеме да ја победиме мафијата“
Без разлика на нивните професии за кои се образувале, поширокото семејство на Дафне, по убиството се посветува на продолжување на истрагата на која таа работела.
„Кога мајка ми ја откри корупцијата, институциите не преземаа никакви активности“, вели Каруана Галиција. Смета дека оставајќи ја сама, дозволиле нејзиниот живот да биде загрозен.
Иако била единствената која истражувала, се чини дека стравот никогаш не го елиминирал гневот кај луѓето. Две години по атентатот на новинарката, протестите не запираат, ниту пак губат од бројност.
Во битката против мафијата не се сами.
„Најголемата поддршка ја добиваме од широкото семејство, од слободниот печат, организациите против корупција и човекови права, парламентарното собрание на Советот на Европа, Европскиот парламент, нашите правници и граѓанското општество“, истакнува Каруана Галиција.
Борбата не е едноставна. Две години по смртта на неговата мајка се постојано под притисок и закани од политичките елити и од подземјето.
„Секој што се бори за вистината и правдата на кое било место во светот е под огромен притисок. Исто е и за нас во Малта, со таа разлика што тука се користат сите ресурси на располагање на владата на земја-членка на ЕУ за да пробаат да не запрат“ истакнува тој.
Она што му дава сила е упорноста на луѓето.
„Мислам дека како што стануваме подобри и поорганизирани, и корумпираната елита се здружува за да изврши посилен притисок. Луѓето протестираат против корупција кога се чувствуваат моќни, надежни и самоуверени. Кога се многу и низ целиот свет-тие се силата. “
Полин Адес Мавел од РСФ во Валета повикува да се најде вистината и правдата за Дафне Каруана Галиција.
(Фото: Јон Борг)
Истражувачките новинари да бидат гласни и здружени
Според извештајот на „Репортери без граници“, во 2019 година во светот биле убиени 49 новинари. Ова е најмалку во последните 16 години. Од вкупно 180 земји, Малта е 77 на листата на која се мери слободата на печатот. Македонија е 18 места под родната земја на Метју Каруана Галиција на оваа листа, на 95-тата позиција.
Младиот истражувачки новинар им дава поддршка на колегите во светот и во земјава. Интервјуто за ИКС го завршува со порака:
„Бидете силни, дајте отпор, заборавете на политичката идеологија и дозволете да работиме заедно како тим за да ја победиме корупцијата.“
Откриен портрет на Дафне Каруана Галиција во салата именувана по неа во Малта
(Фото Еуропарл)