Имајќи ја предвид природната наклонетост да трагаме по информации што ги поткрепуваат нашите, веќе постоечки, уверувања и стравови, веројатноста од себезаразување со „вирусот на лагата“ станува уште поголема. Преголемата изложеност на информациите за коронавирусот ја зголемува анксиозноста и паниката.
„Единственото нешто од кое што мораме да се плашиме е самиот страв“, рекол Франклин Рузвелт. Ако емоциите буквално патуваат низ јазикот, а зборовите се „превозно средство“ за стравот, тогаш, донекаде, можеме да ја разбереме агонијата што ја создаде коронавирусот. И сите последици што ги донесе со себе.
Известувањето за COVID – 19 создаде големи предизвици и за новинарите. Тие се соочија со комплексна задача: да ја кажат вистината, но и да не поттикнуваат непотребна вознемиреност и загриженост кај јавноста. Но, некои од нив, како во национални, така и во глобални рамки, заборавија и на едното и на другото. Станаа „превозно средство“ за ширење искривени вистини, полувистини, лаги и дезинформации. Во битката да бидат први, најважни или оригинални заборавија на својата улога. Па, така, како што се шири вирусот, почнаа да се шират и различни дезинформации и лаги. „Биозаканa од Кина“, „тајни лаборатории“, „магични лекови“, „владини сценарија“, „го шират тие што јаделе супа од лилјаци“, „вакцината веќе постои“ и што ли уште не.
Се бориме со пандемија и со инфодемија
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Адханом Гебрејесус неодамна рече дека „не само што се бориме со епидемија, туку и со инфодемија“, укажувајќи на опасноста од ширењето различни дезинформации и пропаганда.
За брзината со која се шират ваквите вести потврда е и примерот со австралиската двојка која беше во карантин на брод, на брег во Јапонија. Сопругот и сопругата направиле група на Фејсбук на која што редовно известувале за својата состојба, а еден ден соопштиле дека си нарачале вино користејќи дрон. Новинари почнале да известуваат за сторијата, а луѓе да ја шират по социјалните мрежи. Двојката подоцна признала дека содржината ја постирала како шега за пријателите. Ваквите, навидум тривијални содржини, теориите на заговор и „рецептите“ за лекување го преплавија етерот и брзо го заобиколија целиот свет, со помош на социјалните мрежи и медиумите.
Но, како што се изречени бројни препораки за стриктна хигиена и мерки за заштита од ширењето на вирусот, така се наметна и одговорноста за одржување „хигиена“ при консумацијата на информации во врска со пандемијата. Бил Хениџ и Марк Липсич, професори по епидемиологија на Школата за јавно здравје на Харвард, во есеј објавен на Сајантифик Американ, посочуваат дека доброто информирање и науката мора да прават разлика меѓу веродостојните извори на информации и бескрајните шпекулации, полувистини, финансиски мотивирани промоции на лекови и политички мотивираната пропаганда. И при појавата на вирусот ебола во 2014 година, медиуми и политичари ширеа неосновани реакции и паника. Новинарите треба да бидат свесни за веројатноста од ширењето дезинформации на социјалните медиуми, како што се случи и при појавата на ебола, укажува во колумна во Вашингтон пост поранешниот координатор на Белата Куќа за одговор на кризата со овој вирус Рон Клејн.
Јасно е дека сѐ почестото пребарување информации онлајн за појавата на коронавирусот ги носи луѓето до море од шпекулации, дезинформации и потенцијално опасни содржини. СЗО креира сопствени ресурси за разбивање на митовите околу коронавирусот. Во меѓувреме, вестите за коронавирусот на површина исфрлија и различни облици на стигматизација и дискриминација, а и една конкретна форма на нетрпеливост, наречена синофобија или непријателство кон Кина, нејзиниот народ, луѓето со кинеско потекло или оние со кинеска култура.
Вирусот не ги следи вестите, тие се опседнати со него
Фејсбук, Твитер, Јутјуб и други платформи веќе презедоа мерки против дезинформациите за коронавирусот, меѓу кои и пренасочување на корисниците кон официјални извори при пребарувањето вакви информации. Марк Цукерберг соопшти дека Фејсбук ѝ отстапува „онолку слободни реклами на Светската здравствена организација колку што ѝ се потребни“, а компанијата ќе ги блокира содржините наменети за стекнување придобивки од ситуацијата, како оние кои тврдат дека одреден продукт претставува револуционерен лек за болеста предизвикана од вирусот.
Несигурноста остава простор за лажни тврдења, кои во екот на пандемијата може да доведат до однесување што го забрзува преносот на вирусот, пишува епидемиологот Адам Кучарски за Гардијан. Имајќи ја предвид природната наклонетост да трагаме по информации што ги поткрепуваат нашите, веќе постоечки, уверувања и стравови, веројатноста од себезаразување со „вирусот на лагата“ станува уште поголема. Преголемата изложеност на информациите за коронавирусот ја зголемува анксиозноста и паниката.
Она што ни е потребно во вакви моменти е да си го вратиме чувството на контрола над сопствените стравови, без претерани реакции и ризик да придонесеме кон општата паника. Во таа битка, внимателната селекција, консумација и проценка на содржините е од клучно значење. Ова е поука и за граѓаните, медиумите, институциите и за секој оној што е засегнат. Во спротивно, цената што би ја платиле ќе биде многу повисока отколку заканата што ја носи самиот вирус. Во крајна линија, вирусот не е тој што ги следи вестите, туку тие се опседнати со него!
Автор: Марина Тунева
Д-р Марина Тунева е извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и доцент на Институтот за комуникациски студии.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.