Борба против корона вирусот и медиумските лаги

Јавниот интерес значи дека за вирусот треба да се известува почитувајќи ги професионалните стандарди и етичките норми кои пропишуваат точност и вистинитост. Новинарите треба да известуваат со факти и во „нормални услови“, но во вонредна состојба тоа е неопходно.

Новинарите пишуваат за војните, а не за мирот! Соодветно, тие известуваат за болести, а не за здравјето. Во текот на работата, нашите новинари се соочувале со природни несреќи, посебно со земјотреси и поплави, безброј настани со меѓуетничка и меѓурелигиска димензија, како што беа тепачките во автобусите, на стадионите, на Скопското Кале, или пак настаните како што се „Монструм“, „Кумановскиот случај“ и сл. Потоа разни политички случувања од секаков вид, афери поврзани со криминал и корупција, но никогаш, како и нивните колеги од светот во последните децении не се соочиле со пандемија!

Имало периоди кога вируси се ширеле во големи или пак во масовни размери, но последниот случај со Ковид 19 не е испит само за лекарите и здравствените работници, за јавните функционери или политичарите, за полицијата и армијата, туку и за новинарите. Секако не само поради познатиот факт дека заштитата на здравјето на населението претставува јавен интерес.

Слободата не значи неодговорно известување

Јавниот интерес значи дека за вирусот треба да се известува почитувајќи ги професионалните стандарди и етичките норми кои пропишуваат точност и вистинитост. Новинарите треба да известуваат со факти и во „нормални услови“, но во вонредна состојба тоа е неопходно. Само „фактите се тврдоглави“. Коментарите секако дека се слободни, но во ваков сензитивен период и тие не треба да внесуваат паника, несигурност или страв кај граѓаните. Секако дека слободата на изразувањето не подразбира право на неодговорен и несовесен новинарски пристап.

Ова значи дека лагата, неоснованите претпоставки, произволните предвидувања околу вирусот не треба да бидат дел од медиумските содржини. Јавноста веќе подолго време се соочува со тенденцијата за манипулирање преку новинарството! Имајќи предвид дека живееме во период кој е многу чувствителен, власта ги заостри мерките околу известувањето за корона вирусот и ги предупреди медиумите дека ќе се бори против лажните вести. „Како што се бориме против вирусот, исто толку енергично ќе се бориме и против ширењето на лажните вести“, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Но ова не значи дека ваквата формулација треба да ги обесхрабри новинарите да поставуваат прашања, кои се деликатни или пак кои се поврзани со наводен криминал или корупција и во време на корона. Онака како што се бара лек против короната, и медиумската заедница е во потрага по лек против лажните вести.

„Медиумскиот сумамед“ создаде паника

Освен тоа дека новинарите треба да известуваат, почитувајќи го златното правило за најмалку два извори, треба да бидат многу внимателни и при потврдувањето на фактите.

По изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека веќе е позната терапијата против вирусот, се појави и вест дека кај нас светскиот лек е компатибилен на нашиот сумамед. Ефектот беше недостиг од сумамед во аптеките, кој имено се покажа дека може да има и несакани ефекти, ако се употреби без лекарска консултација. Конфузија се создава и при известувањето за носењето маски! Едни велат дека треба, други не, трети оставаат простор за слободен избор на самите граѓани. Се разбира дека се работи за нов вирус, со многу непознати, но за да се избегнува конфузијата најдобро е медиумите да известуваат потпирајќи се на препораките на Светската здравствена организација или на Министерството за здравство. При подготвувањето на емисијата „Патот кон“ во АЛСАТ М во време на корона, како уредник се обидувам гости во студиото или преку скајп да ми бидат најсоодветните извори, како што се претставници на општините, Владата, МВР, Министерството за здравство, експерти, лекари кои се вработени во јавниот здравствен систем итн.

Сепак, внимателност не треба да се бара само од новинарите, туку и од лекарите, како и од политичките лидери. Бил Гејтс деновиве прецизно забележа „дека лидерите треба да добиваат точни податоци околу третирањето на вирусот, бидејќи со озборувања или пак со ширење паника не помагаат“.

Ова не е време за новинарски ексклузивитет, сензационализам или пак за добивање кликови. На 23 март, на фејсбук профилот на Ахмед Калаја, влијателен теолог од Албанија се појави шпекулација дека е пронајден лекот против короната, и тоа во Ирак! Дел од медиумите на албански јазик ја објавија оваа вест, без да ја проверат, а фејсбук мрежата речиси беше преплавена со оваа лажна вест. Затоа, медиумите треба да бидат критични при пренесувањето на изјавите на верските водачи, како што беше онаа на Агатангел, дека верниците треба да бидат во црквите! Или, пак, ако ги објавуваат, ваквите настапи треба да ги осудуваат, зашто се спротивни на препораките на здравствените власти. „Памет за друг пат“, би рекол народот. Медиумите се однесуваа инертно и кон повикот на Исламската верска заедница во првата недела кога се појави вирусот дека петочната молитва (главна во неделата според исламските правила) може да се одржува во џамиите. Секако, ИВЗ и другите верски заедници, кога ситуацијата стана сериозна, почнаа да се однесуваат сериозно и во духот на универзалниот хуманизам. Здравјето на граѓаните треба да биде приоритет и на верските заедници.

Новинарите и медиумите треба да се однесуваат критички и кога забележуваат дека политичарите (од власта или од опозицијата) се обидуваат да ја инструментализираат ситуацијата. Двајца пратеници од Собранието на Косово, буквално беа избркани од болницата во Ѓаковица. Наводно оделе за да се информираат околу ситуацијата, а во косовските медиуми беше пренесено дека тие сакале да профитираат политички.

Без „воен речник“ против короната

Освен избегнувањето на медицинскиот речник, кој содржи поими кои се стручни и непознати за пошироката публика, насловите во весниците и онлајн медиумите, но и насловите и главните најави во телевизиите треба да бидат „чисто информативни“. Односно, што е можно со помалку „бомбастичност“!

Треба да се избегнува и јазикот кој содржи формулации кои предизвикуваат страв! Тука, пред се, мислиме на избегнување на „воениот речник“ околу вирусот, кој содржи формулации од типот „се бориме со непознатиот непријател“ или, пак, „во првата линија на фронтот“, кои сами по себе се тревожни! Треба да се има предвид дека публика се и луѓе кои се чувствителни, но и деца и/или малолетници.

Нетраорни вести со емпатија кон повозрасните

Освен речникот, новинарите треба да бидат внимателни и со сликите кои ги употребуваат, но и со визуелизацијата! Не треба да се објавуваат снимки, во кои се гледа јасно и експлицитно тешката состојба на пациентите. Се разбира, во Италија или Шпанија има многу траорни стории, како што беше една од нив во која наративно се известуваше како постарите пациенти умираат, а пред тоа бараат И-пад или мобилен телефон за да зборуваат со нивните внуци! Но, треба да се прави баланс помеѓу трката за рејтинг и заштитата на одредени категории публика.

Во таа смисла, новинарите треба да бидат исто така многу внимателни кога известуваат за последиците кои ги предизвикува корона вирусот! Не треба постојано да се истакнува дека тој може да биде фатален за лицата кои се над 60 години, бидејќи ваквото известување создава дополнителен притисок и стрес кај оваа категорија граѓани. Истото се однесува и за хронично болните. Се разбира дека треба да се повикува на почитување на мерките, но треба малку повеќе емпатија кон повозрасните!

Во новинарството важи правилото дека „лошата вест е добра вест“! Но сепак, во ова тешко време треба да се обидеме да бидеме професионални, но и во функција на ширење позитивна енергија. Вест е и дека секој ден во Италија заздравуваат околу 900 луѓе. Приближно толку, колку што умираат!

 

Автор: Арта Тахири, уредник во АЛСАТ М