МРТ ја прилагоди својата програмска шема на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот. Но покрај дневно-информативните изданија и пренесувањето на прес-конференциите во кои се известува за состојбата со коронавирусот, МРТ игра значајна едукативна улога со емитувањето „ТВ училница“ за учениците од основното образование секој ден од 9 до 12 часот, а својата информативна и забавна програма ја збогати со четири нови канали – детски, спортски, 24 часовен ТВ канал на албански јазик, како и посебен ТВ канал за другите етнички заедници и за документарна програма.
Улогата на Јавниот сервис во услови на пандемија е посебна, неспоредлива, затоа што не може со ништо да се спореди. Во време на коронавирус – енигма дури и за научниците, моќта на Јавниот сервис е таа што го дефинира неговото место во општеството. Факт е дека телевизијата треба да информира, едуцира и забавува, но општеството одеднаш се најде во вонредна ситуација. “Новиот непријател” е насекаде околу нас. Во просек, стотина пати го изговараме новиот термин – коронавирус. Од друга страна ниту една владина мерка за превенирање од КОВИД 19, не би успеала без поддршка на медиумите. Улогата на Јавниот сервис, во тој контекст е голема, но со моќта расте и одговорноста кон оние на кои им припаѓа – граѓаните. Денес, социјалните мрежи се борат за секој “клик”, за поголема читаност, за повеќе преземања. Но сето тоа може да предизвика информациска презаситеност, конфузија па дури и паника. На општествата низ светот покрај борбата со пандемијата им се наметна и борбата со инфодемијата – термин што Светската здравствена организација го воведе, неодамна. .По дефниција, инфодемијата е болест којашто ги зарази информациите со невистини. Во време на корона, Македонската Радио Телевизија сериозно си ја сфати својата задача.
Вонредна програмска шема
Во согласност со Заклучоците на Владата на РСМ и со Препораките и превентивните мерки на Комисијата за заразни болести, во услови на глобална пандемија на коронавирус, МРТ воведе вонредна програмска шема. Приоритет во програмата имаат дневно-информативните изданија, прес-конференциите во кои се известува за состојбата со коронавирусот и соопштенијата со Заклучоците на Владата на РСМ. Информативните изданија и целокупната програма се приспособени за сите ранливи категории граѓани. Со цел информирање од секоја општина, МРТ ја активираше дописната мрежа од Куманово, Штип, Велес, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Кичево, Гостивар, Тетово и од Дебар.
Во соработка со Министерството за образование и со Бирото за развој на образованието, а со цел придонес кон неформалното образование, Првиот програмски сервис емитува проект “ТВ Училница”, секој работен ден од 9.10 часот до 12.10 часот. Овој проект е наменет за децата од предучилишна возраст, но и за учениците од основното образование.
МРТ е отворена за граѓаните. Преку електронската адреса: [email protected] тв консументите имаат можност да ги достават своите идеи, забелешки и сугестии. На тој начин директно или индиректно учествуваат во креирањето на вонредната програмската шема.
Извор: МРТ
Нови телевизиски канали
Македонската Радио Телевизија, во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е должна да создава и емитува програми од јавен интерес наменети за широката популација. Од 8 април, македонскиот етер е збогатен со уште еден Програмски сервис – Детски канал МРТ 5, а од 10 април стартуваше и Спортско – забавниот канал, МРТ 3.
Следењето на мислењето и реакциите на јавноста, ја наметна потребата од специјализирани програми наменети за прецизен таргет на публика. Содржини за деца и млади ќе бидат основа за креирање на програмската шема на Детскиот канал на МРТ.
Овој нов предизвик за МРТ, всушност претставува континуитет на улогата и влијанието што го има Образовната програма на МТВ во формирањето на личноста на децата и младите луѓе и во градењето на нивниот критериум за вистинските вредности.
Современиот пристап во изборот на содржините кои едуцираат, информираат и забавуваат, како и понудата на сите жанрови програма за деца, се гаранција дека Детскиот канал – МРТ 5, ќе има голем број ТВ консументи од целната група.
Во период кога се замрени сите спортски, културни, музички настани, Јавниот сервис влезе во амбициозен потфат, со цел на гледачите да им понуди поинаква програма. Како членка на Европската радиодифузна мрежа, МРТ обезбеди ексклузивна можност, на својот нов Спортско – забавен канал, МРТ 3, да реемитува светски фудбалски првенства, олимписки игри, но и атрактивни музички манифестации.
Со стартот на 24 часовниот канал на албански јазик и на МРТ 4 – канал за другите етнички заедници и за документарна програма , МРТ ја комплетираше сликата на Јавен сервис кој има мисија да одговорина европските но и на националните потреби.
Она што МРТ ја прави различна од комерцијалните сервиси е универзалноста, инклузивноста, разноликоста, транспарентноста, непристрасноста. Јавниот радиодифузен сервис и во вонредни услови создава програма којашто го негува, поттикнува и го развива секој облик на домашно – аудиовизуелно творештво.
Автор: Анета Андонова, главен уредник на Првиот програмски сервис на МРТ
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.
Leave a Reply