Повик за доделување грантови на граѓански организации за промовирање на медиумската писменост

 

МИМ објавува повик за доделување грантови на граѓански организации (ГО) со цел да ја промовираат медиумската писменост. Грантовите треба да ги поддржат ГО во нивните напори да ги оспособат граѓаните критички да ги користат и одговорно да реагираат во однос на медиумските содржини што се поврзани со нивната област на делување.

Цел на финансиската поддршка

  • Да се зајакнат капацитетите на ГО за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа;
  • Да се оспособат ГО самите да промовираат писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните.

Типовите активности за коишто ГО може да аплицираат се однесуваат на имплементација на практични задачи поврзани со писменоста за вести и дигиталната писменост, како што се:

  • мониторинг на медиумски содржини поврзани со прашања од нивната област на делување;
  • креирање комуникациски планови и создавање медиумски содржини за информирање на публиката за нивните проблеми, како и за активностите што ги преземаат за справување со нив;
  • начините на кои граѓаните може критички да ги употребат информациите и да се вклучат во јавната дебата на одговорен начин;
  • креирање различни медиумски продукти (пример: текстови, фотографии, интернет-видеа итн.) со кои може да се подигне ефективноста и видливоста на нивните активности.

Очекувани резултати од спроведените проекти

  • ГО имаат воспоставени ефективни и редовни внатрешни процеси на анализа и евалуација на вести од медиумите што се релевантни за нивната работа;
  • ГО создаваат квалитетни медиумски содржини;
  • Државните институции, медиумите и медиумските саморегулаторни тела преземаат иницијативи врз основа на реакциите на ГО;
  • Корисниците ја поддржуваат работата на ГО и бараат веродостојни информации од нив.

Кои ГО може да аплицираат?

На повикот може да аплицираат сите ГО кои во својот фокус ги имаат социјалните, еколошките, здравствените, потрошувачките прашања, како и оние кои ги застапуваат маргинализираните и социјалните категории граѓани.

За финансиска поддршка преку овој повик може да се пријават граѓански и други непрофитни организации кои се регистрирани во државава. На повикот не може да се пријавуваат политички партии и религиски организации.

ГО треба да имаат минимум двегодишно искуство во областа и во финансиското менаџирање.

Критериуми за доделување на грантовите и максимален буџет

Сите апликанти ќе бидат евалуирани според претходно утврдени критериуми што ќе се однесуваат на предложениот проект и капацитетот на апликантот. Критериумите ќе вклучуваат:

  • Јасна визија и мисија на апликантот;
  • Релевантност на мисијата на апликантот за поширокото членство;
  • Колку е демонстрирана заложба да се стигне до корисниците и да се учи низ процесот на спроведување на грантот;
  • Капацитетот на апликантот да спроведува грантови.

При изборот на апликантите ќе се обрне внимание на географската и тематската застапеност на граѓанските организации, како и на принципите на еднакви можности и инклузивност.

Вкупниот буџет изнесува 48,000 евра. Ќе бидат доделени 6 гранта од по максимум 8,000 евра.

Времетраењето за спроведување на активностите треба да биде 18 месеци.

Грантовите ќе ги покриваат трошоците директно поврзани со мониторинг на медиумите и креирање медиумски планови и продукти (вклучително плати и хонорари, патни трошоци, набавки за проектни активности и активности поврзани со обезбедување видливост на проектите и други директни трошоци за специфични програмски активности). Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%.

За сите ГО коишто ќе бидат избрани на повикот, ќе бидат организирани обуки. Притоа, ќе биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите.

Заинтересираните организации треба да ги пополнат формуларите прикачени во прилог.

Крајниот рок за пријавување е 20 јули, петок, до 17 часот.

Пријавите може да се достават по е-маил, на адреса: [email protected] или директно во просториите на МИМ, на адреса: Јуриј Гагарин, 17-1/1, Скопје.

Овој повик се објавува во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Download this file (01_Prijava_za_grantovi.docx)01_Формулар за пријавување
Download this file (02_Izjava od organizacijata aplikant.docx)02_Изјава од организацијата-апликант
Download this file (03_Budget-subgranting_fin.xlsx)03_Буџет