Работилници

Средношколците од три училишта учеа како да препознаат лажни вести

Што преставува медиумската писменост? Зошто е важно да сме медиумски писмени? Како да ги препознаеме лажните вести и дезинформациите, но и да ги провериме изворите на информации? Како безбедно да ги користиме социјалните мрежи?

Ова се дел од темите за кои учеа 50-тина средношколците од СОУ „Исмет Јашари“- Липково, СОУ „Добри Даскалов“ – Кавадарци и СОУ „Ванчо Прке“ – Виница на трите обуки за препознавање на лажни вести и дезинформации кои се одржаа на 27-ми  и 28 –ми октомври.

Предавачот Михајло Лахтов преку примери ги запозна младите со различните видови дезинформации кои може да ги сретнат во медиумите, но им посочи и корисни совети и алатки како да ги откријат. Средношколците веднаш имаа можност да го применат стекнатото знаење решавајќи квиз со примери.

Трите обуки се дел од Неделата против лажните вести што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја организира трета година по ред.  Со Неделата против лажните вести ИКС се приклучи кон Деновите за медиумска писменост 2020.

Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.