Го започнав експериментот наречен „Дигитална детоксикација“ со ништо друго освен високи очекувања за целосен успех на крајот од денот. Во ред, можеби и фактот што целиот ден го поминав во патување придонесе кон тоа да не ми недостасува интернетот, телевизијата, или пак, радиото.
Неколку месеци по ред се обидувам да ја намалам употребата на интернетот, идеја која на крај би кулминирала со еден ден поминат во „вистинскиот“ живот. Ова практично е невозможно поради тоа што модерниот човек не може да се оддели од технологијата, бидејќи таа претставува нераскинлива врска помеѓу луѓето и напливот на информации.
Во денешно време преовладуваат чувствата на несигурност и страв во однос на развојот на технологијата во иднината. И тие чувства се навистина оправдани. Паметните телефони и сличните уреди рапидно нѐ туркаат подалеку од светот, а ние ја губиме способноста да бидеме во средина на начин кој не е посредуван од електронски додаток.
Па така, кога моите родители ми најавија дека за време на викенд ќе направиме прошетка низ неколку места во државата, токму дигиталната детоксикација беше повеќе од добредојдена.
Утрото помина изненадувачки мирно, спротивно од моето вообичаено утро. За време на појадокот, немаше наплив на звуци кои доаѓаат од сите социјални мрежи што ги користам, не добив меилови од универзитетот со обврски што треба до крајот на денот да ги завршам, дури и телефонот си остана на своето место (ми се случило неколкупати телефонот да падне од масата поради многубројните вибрации).
На ред дојде патувањето. Тоа што го забележав за себе, а верувам дека многу луѓе ќе се согласат со мене, беше дека кога не сум фокусиран на одредена задача настојувам да го вклучам телефонот од досада во текот на денот. За среќа, успевав да се сопрам пред да го стиснам копчето за Wi-Fi.
Низ главата почнаа да ми се вртат прашања. Што да правам со стравот дека пропуштам нешто? Дали на некој му е потребна моја помош, а не може да добие повратен одговор? Што прават моите пријатели моментално и дали си поминуваат позабавно од мене?
Набргу сите тие прашања личеа незначајни во однос на тоа колку убаво ми поминуваше денот. Не ни забележав дека тече времето. Се качував и симнував по планински патчиња, истражував места досега непознати за мене – влегов во неколку пештери близу Лесново, ги разгледав паркот со камените кукли близу Кратово и се прошетав низ Пробиштип, ручав со моето семејство во природа. Оттогаш па се до крајот на денот не ни помислив на телефонот и компјутерот.
Сигурно ништо важно немав пропуштено. Тие што ми напишале порака на Месинџер или Инстаграм можеле да ме побараат и на телефон. Овој моментален страв кој произлезе од исклученоста од интернет, телевизија и радио сфатив дека е ирационален и дека лесно се решава. Се потсетив дека дефиницијата за забава зависи од опкружувањето, а љубопитноста успеав да ја канализирам во интерес за тоа што се случуваше пред мене.
За време на овој детоксикациски ден една работа се совпадна со периодот кога имаше полициски час, кога не можевме да излегуваме надвор од својот дом поради пандемијата со COVID-19. Препознав дека со засилена острина ги забележувам и искусувам нештата што се случуваат околу мене – не е важно дали е тоа црцорење на птици, жуборење на река, движење на сонцето и облаците или пак израз на лице и говор на тело на соговорникот. Тоа веројатно произлегува од фактот што немаше никакви одвлекувања на вниманието преку кои мојот мозок се префрла на нова информација или сензорно искуство и можев подолго да го задржам моето внимание на повеќе работи истовремено.
Тврдам дека нашиот распон на внимание со текот на годините се намалува, затоа што живееме во ера на наплив од информации и од нас постојано се бара да бидеме способни со леснотија да се движиме од една информација на друга со ист интензитет, а студијата на Данскиот Технички Универзитет од 2019 година го потврдува мојот став.
Искрено, почувствував блага изолираност од општеството без користење на технологија, ми личеше како да бев натрапник затоа што не бев со главата наведната во телефонот. Но, тој ден успеав да се навратам на вредностите кои мене лично ми значат – ги развивав меѓучовечките односи со други луѓе и живеев во моментот.
На крај, целта ја достигнав и успеав да издржам еден ден без технологија! (Можеби некому ќе му звучи смешно, но всушност сам се уверив дека не е невозможно.)
Веројатно поради тоа што одбрав ден од викенд немав препрека при завршување на секојдневните обврски и очекував дека ќе издржам цел ден, но можам да замислам дека би било многу потешко да ги маневрирам обврските во работен ден без никаква технологија и дека повремено ќе го притискам копчето на телефонот или компјутерот за да вклучам Wi-Fi, особено сега во новата нормалност кога најголем дел од животот ни е пренесен во онлајн сферата.
Најмногу ми недостасуваше тоа што не можев да комуницирам со пријателите онлајн, но сфатив дека јавувањето на телефон и договарањето дружба е позначајно затоа што е во живо. Неспоредливо е чувството кога се комуницира лице в лице и се чувствува близината на соговорникот.
Верувам дека ваков детоксикациски ден секој треба да искуси, но и дека треба да стане месечна, ако не и неделна навика. На овој начин ги средуваме мислите, ја подобруваме перцепцијата и го тренираме фокусот.
Научив дека воопшто не се важни плановите кои ги правиме за иднината, затоа што тие се непредвидливи и можат да се сменат. Најважно е да бидеме присутни во моментот и живееме тука и сега, затоа што моментот диктира што ќе се случи следно.
Автор: Стефан Митиќ