Дигиталната детоксикација треба да ни биде месечен ритуал

ALB

Живот без дигитални медиуми звучи скоро невозможно во денешно време, нели? Во свет во кој скоро пола население поседува мобилен телефон, тешко е да не се гледа на технологијата како на навика. Заспиваме со телефонот и телевизорот, се будиме со нив, го поминуваме денот ‘скролајки’ на социјалните мрежи. И токму сега во услови на пандемија, дигиталните медиуми како извор на информации и средство за комуникација добија сосема ново значење. Пандемијата не научи дека технологијата е неопходна за функционирање и дека мораме да се прилагодиме на неа Но, дали нејзиното сеопфатно присуство ни годи? Дали е потребно барем еден ден од неделата да се ‘дисконектираме’ од виртуелната реалност која ни ја нудат технологијата и Интернетот и да се осврнеме на нешта што се случуваат околу нас?

Јас одлучив да го прифатам предизвикот и да поминам еден ден без социјални мрежи, интернет, телефон, телевизија и компјутер за да видам колкаво е нивното присуство во мојот живот, а колку реално ми се потребни.

Бев изненадена колку многу ми годеше оваа дигитална детоксикација. Моментите поминати без нив беа релаксирачки, не слушав и не гледав за лошите работи кои се случуваат во светот, ниту бев изложена на понекогаш деструктивните содржини на социјални медиуми Инстаграм, Фејбук итн.

Детоксикацискиот ден уште на самиот почеток се разликуваше од моето секојдневие. Најпрвин кога станав посегнав по телефонот да видам колку е часот и што има на Инстаграм, но за среќа навреме се сетив и го оставив пред да го вклучам. Најголемиот дел од слободното време во денот го поминувам на лаптоп, телефон или телевизор гледајќи серии, видеа или пак читајќи електронски книги. За време на детоксикацискиот ден слободното време го посветив на нешто што обожавам, но не го правам често, а тоа е готвењето. Ја земав книгата со рецепти на мајка ми и отидов во кујната. Го поминав поголем дел од денот во кујната и зготвив ручек, направив леб и испробав нов десерт. Уживав и се забавував готвејќи, а времето навистина брзо ми помина.

Попладневните часови ги поминав вежбајќи, што морам да признаам беше предизвик да се направи без да се гледаат видеа од Јутјуб и секако без тајмерот на телефонот. Вечерта ја поминав со мојата сестра учејќи ги прашањата за теоретскиот испит за возачка дозвола и играјќи карти. Таа вечер си легнав со бистра глава и заспав веднаш, што вообичаено не се случува кога е телфонот до мене.

Искрено малку ми недостигаше телефонот бидејќи не можев да навијам аларм, да проверам меил, да вратам на пораките од моите пријатели. Но, додека готвев скоро и да не помислував на телефонот и компјутерот. Потешко ми беше вечерта, затоа што заврна и не можев да излезам на прошетка. Но и покрај тоа што цел ден немав никаков пристап до социјални медиуми не се чувствував изолирано. Комуникацијата со моето семејство беше доволна за да се информирам за она што се случува околу мене. Најмногу ми пречеше тоа што не можев да го проверам меилот, во случај да не ми пратиле известување од факултет. Не се сомнемав дека ќе издржам цел ден затоа што и покрај тоа што често сум на социјалните медиуми и го поминувам поголемиот дел од денот на телефон и лаптоп, не сум зависна од нив. Тие се важен дел од моето секојдневие, но не неопходност.

Од детоксикацискиот ден научив дека социјалните мрежи, телефонот, лаптопот и телевизијата ни се потребни, но не онолку колку што вообичаено ги користиме. Мислам дека треба нивната употреба во нашето секојдневие да се ограничи. А слободното време треба да го посветиме на нашите интереси, да развиеме хоби, да одиме на прошетки и да уживаме во убавините кои ни ги нуди природата и се разбира тоа да го правиме со луѓето кои ги сакаме.

Сметам дека на сите им е потребна дигитална детоксикација и сите треба барем еднаш во неделата или во месецот да ја практикуваат. Јас со сигурност ова искуство ќе го повторам и ќе потрудам да ми стане барем месечна навика.

 

Автор: Теодора Аксентиевска

Погледни како Теодора го помина нејзиниот детоксикациски ден